Search

Меѓаши: За три и пол години поставени само 53 пратенички прашања за правата на децата

Во Собранието на Република Северна Македонија во изминатите три и пол години, почнувајќи од 2016 година заклучно со јуни 2019 година вкупно биле поставени 582 пратенички прашања, од кои директно или индиректно поврзани со децата и правата на децата биле поставени само 53 прашања, односно 10 отсто. Ова е силен индикатор колку всушност на македонските пратеници децата им се приоритет и фокус за парламентарна расправа во парламентарните групи и законодавниот дом, рече Драги Змијанац, претседател и основач на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши на денешната прес-конференција.

Тој претставувајќи го Извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието за периодот од 1 јануари до 23 јуни 2019 година рече дека од овие 53 директно или индиректно поставени прашања, фокусот на пратениците главно им бил правата на децата, здрава животна средина и чист воздух, правата на детето за здравствена заштита и правата на децата за социјална и детска заштита. Дури недостига и поголем фокус околу правото на образование.

Змијанац нагласи дека пратениците се отворени за соработка со Меѓаши, но нагласи дека е потребен дополнителен притисок на јавноста, која, како што рече, помага многу за пратениците дополнително бидат мотивирани да поставуваат прашања.

Тој апелираше пратениците во наредниот период да ги ставаат високо на агенда правата на децата и почитување на Конвенцијата за правата на децата и сите останато документи кои го обврзуваат законодавниот дом за поголема практична примена на Конвенцијата.

Јана Зенговска, координатор на проектот ПДАС Меѓаши нагласи дека за првата половина од оваа година се одржале вкупно 21 пленарна седница и на пет пленарни седници пратениците преку поставување пратенички прашања, дискусија и образложенија дискутирале за различни аспекти на заштитата на децата и нивните права.

Во наведениот период, од страна на пратениците се поставени и одговорени вкупно 113 прашања, додека неодговорени се вкупно 19 пратенички прашања, додавајќи дека вкупно 15 прашања се однесуваат на заштитата на правата на децата.

Таа рече дека што се однесува до комисиите при Собранието во сите извештаи ја следиле работата на четири комисии, и тоа: Комисијата за здравство, Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за труд и социјална работа и Законодавно-правната комисија.

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија, спроведуван од Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Младинскиот Образовен Форум и финансиска и техничка поддршка од Детската фондација Песталоци.

Катерина Конеска, раководител на проектен сектор во Прва детска амбасада во светот Меѓаши наведе дека проектот, што е во трета фаза на спроведување 2017-2019 година, има за цел да го подобри учеството на децата и младите во процесите на донесување одлуки во училишниот и општествениот живот во земјата и се базира на препораките на Комитетот за детски права при Обединетите Нации (донесени во 2010 година), како и на претходните искуства и согледувања од терен. 

Треба да знаете
Последни објави