Search

Мехмедовиќ: Се разговара за подобрување на условите во амбулантите во Ѓорче Петров, Автокоманда, Бутел и Влае

Здравствениот дом Скопје има склучено договори со сите концесионери што се во амбулантата во Ѓорче Петров, што предвидуваат средствата од таа концесија да се користат за тековно одржување на амбулантата, за санирање поситни дефекти, за молерисување и санирање полесни градежни работи што ќе можат да се појават како проблем во нејзиното тековно работење. Меѓутоа се додека не се изнајде целосно решение што ќе биде трајно за изградба на амбуланта, нормално дека овој проблем ќе биде актуелен, изјави денеска директорот на Здравствениот дом Скопје, Злате Мехмедовиќ во врска со најавата за реновирање на амбулантата.

Тој посочи дека редовно комуницираат во однос на проблемите што ги имаат со застарените објекти што се под ингеренција на Здравствен дом Скопје, инаку се на Владата и на Министерството за здравство.

Во врска со тоа како може да ги унапредиме условите во нив, Мехмедовиќ потенцира, се работи за објект што е времен, изграден после земјотресот, односно за барака што има рок на траење од 15 години, меѓутоа во функција е повеќе од 65 години.

– Се разговараше за тоа како може општината и Министерството за здравство заедно да го решат проблемот. Имавме состаноци со проектната единица за решавање на проблемите не само во делот на амбулантите од Ѓорче Петров, туку и другите амбуланти, затоа што такви времени објекти имаме и во Автокоманда. Исто така е разговарано со општината Гази Баба и со градоначалникот за да може да се најде и таму решение. Таков проблем имаме и во општината Бутел, имаме уште една таква амбуланта во Влае, како и во општина Ѓорче Петров. Така што со сите чинители и со локалната самоуправа и со Министерството за здравство разговараме за тоа како да ги подобриме условите, додаде д-р Мехмедовиќ. 

Треба да знаете
Последни објави