Search

Металург загуби, ама се пласира во групите од Лига Европа

Македонскиот ракометен суперлигаш Металург  загуби на гостувањето кај Криенс (22:21), но се пласира во групната фаза од Лига Европа, бидејќи на првиот меч во Скопје тимот од Автокоманда забележа тиумф од два гола разлика. Дуелот беше неизвесен до последната секунда. Криенс имаше напад со ракометар повеќе за да стигне до посакуваните „плус два“, но македонскиот тим успеа да се одбрани и да ја исполни зацртаната цел – пласман во групите од второрангираното европско клупско натпреварување.

Хорват го отвори резултатот со прецизно изведен пенал, но Металург потоа цели шест минути беше без постигнат погодок. Одбраната беше на висина на задачата, па по 10 минути игра беа постигнати само четири гола, по два на двете страни. Голманот Дупјачанец бранеше одлично во првото полувреме, но Металург одигра крајно конфузно во нападот не успевајќи да ги искористи одличните интервенции на својот голман за резултатски да се одлепи. Домаќините беа поснаодливи во финишот од првото полувреме и на одмор заминаа со минимално водство од 12-11.

Второто полувреме почна лошо за Металург. Македонскиот тим лесно ги губеше топките во нападот, Криенс знаеше како да го искористи тоа и набрзина поведе со 15-12, принудувајќи го Кастратовиќ да побара тајмаут. Потиќ ја прекина серијата на домаќините, а по едно исклучување во таборот на Криенс македонскиот клуб одговори со три гола за две минути и израмнување на 16-16.

Бековите со исклучок на Тарабокија повторно имаа очајна вечер, се посрамоти Потиќ, потоа и Мариќ, а Криенс го искористи тоа и повторно дојде на „плус два“ (18-16), нешто подоцна и на „плус три“ (20-17). „Металурзите“ повторно се вратија, намалија на 21-20, резултат при кој Поповиќ промаши зицер од контранапад. Мариќ погоди за толку посакуваното израмнување (21-21) на две минути до крајот. Финишот беше супердраматичен, Криенс погоди, Серафимов беше непрецизен, па Швајцарците добија напад за „плус два“, резултат што ќе ги носеше во групната фаза. Домашниот тим имаше и ракометар повеќе на теренот во последните 20 секунди, но Металург се спаси, успеа да изнуди пробивање на две секунди до крајот.

Треба да знаете
Последни објави