Search

Месо од дивеч ќе може да се купи и во маркет

Месо од дива свиња, срна па и мечка порано можевме да пробаме само во луксузните ресторани и тоа по астрономски цени. Од овој месец ќе можеме да го подготвуваме и дома. Агенцијата за храна донесе закон според кој сега ќе може да се продава месо од дивеч под услов да е обработено во соодветни објекти, дознава 24 инфо.

Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи и нема да зависат од откупувачите, но притоа ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник за барањата и условите и хигиена за производство и ставање во промет на храна од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност и за примена на традиционалните методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики. Со истиот правилник се регулира и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната. Ова ќе значи дека месо може да се купи од ловџијата дирекно или пак од продавница само под услов истото да е обработено и да е прегледано од ветеринар.

Правилникот е донесен во средината на минатиот месец, а ќе почне да се применува од почетокот на септември и има за цел малите производители легално да ги продаваат своите производи за кои ќе ги гарантираат барањата за безбедност на храната. Малите производители ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи своите производи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот. Со Правилникот се регулира и олеснува ставањето во промет на мали количини производи кои ги произведуваат фармерите, без да се нарушува или доведува во прашање безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите. Деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, конзумните јајца и рибата се основа и поддршка и развој на малите производители на храна од животинско потекло, за развој на некои недоволно развиени призводствени региони во земјава и за зачувување на традиционалниот начин на производство на одредени производи.

Производите согласно овој правилник треба да бидат означени, односно да ги содржат основните информации за потеклото, производителот, рокот и начинот на чување, со цел да се воспостави лесна следливост на производите.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави