Search

Меркел: Европа мора да се спротистави на САД, Кина и Русија

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека веќе не постои светскиот поредок воспоставен после Втората светска војна и оти САД практично застанале со Кина и Русија како противници на Европа.

– Нема сомнение дека Европа треба да се репозиционира во изментиот свет. Старата сигурност на послевоениот поредок веќе не постои, изјави Меркел во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтунг”.

Таа вели дека Европа, соочена со предизвиците кои пред неа ги поставија САД, Кина и Русија, мора да се обедини и да формира заеднички фронт, дополнувајќи дека традиционално силниот воен и дипломатски сојуз меѓу ЕУ и САД е на „стаклени нозе”.

– Тие (Кина, Русија и САД) нè принудуваат, повторно и повторно, да пронајдеме заеднички позиции. Тоа е често тешко со оглед на нашите различни интереси. Но, сеедно ние успеваме – сетете се, на пример, на нашата политика во врска со конфликтот во Украина, појасни Меркел.

Германската канцеларка оцени дека токму десничарскиот популизам, кој според дел од експертската јавност е причина за Брегзит, изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и свертувањето на дел од европските земји остро надесно, фундаментално го измени глобалниот поредок и ја турна ЕУ во дефанзива.

Трамп претходно ја обвини Меркел дека ја „уништува Германија со тоа што дозволува стотици илјадници сириски и други бегалци да дојдат и да останат во Германија”. Тој, во едно минатогодишно интервју ја оквалификува Европа за „непријател” на САД во однос на трговијата, и тоа пред Кина и Русија.

– Многумина се загрижени за Европа, вклучувајќи ме и мене. Тоа значи дека уште повеќе чувствувам должност да се придружам на останатите во осигурувањето иднина за Европа, потенцира Меркел.

И францускиот претседател Емануел макрон изрази загриженост поради екстремистичките ставови, потенцирајќи дека не може да има силна Европа, ако е поделена меѓу себе.

Говорејќи во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент, што ќе се одржат кон крајот на овој месец, Макрон вчера изрази загриженост поради зајакнувањето на екстремистичките ставови и политики во ЕУ, кои, според него, водат до слабеење на Европа.

Макрон смета дека во услови на слаба Европа, светот би можел да се доведе во ситуација да биде предводен од „Г-2″, односно само од САД и Кина.

– Ако ја расцепкате Европа, нема шанси да имате посилна Европа, нагласи францускиот претседател, додавајќи дека ЕУ во изминативе 70 години успеала „мирно да спои 28 силни национални култури”. 

Треба да знаете
Последни објави