Search

Меркел: Договорот со Турција за мигрантите не функционира

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека договорот меѓу Европската унија и Турција за мигрантите е нефункционален и го критикуваше правниот систем на Грција што остварува слаби резултати во депортацијата на мигранти во Турција.

Меркел, која денеска завршува дводневна работна посета на Грција, рече дека разговарала со грчкиот премиер Алексис Ципрас за тие прашања.

Таа пред студенти во германско школо во Атина нагласи дека „договорот за жал, не функционира според планот и поради тоа постои оваа ситуација со голем притисок врз грчките острови кога се во прашање мигрантите”.

Меркел додаде дека грчкиот правен систем е премногу комплициран и дека „поради некоја причина враќањето мигранти не функционира”.

ЕУ и Турција постигнаа договор за мигрантите во 2016 година откако една година претходно повеќе од милион мигранти и бегалци од Блискиот исток и Африка пристигнаа до грчките брегови.

Треба да знаете
Последни објави