Search

МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Скопје 4″

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и генералниот директор на АД МЕПСО Ева Шуклева денеска ја посетија 400/110 киловолтната трансформаторската станица „Скопје 4″ каде е во тек ревитализација и модернизација на опремата во вредност од 4,9 милиони евра. Реконструкцијата опфаќа промена на целата високонапонска опрема, 400 и 110 киловолтни прекинувачи, растовувачи, мерни трансформатори, како и најмодерна опрема за далечинско управување (SCADA) и нова генерација нумерички заштитни релеи.

-Ова е првата 400-киловолтна трафостаница во земјава изградена во 1978 година и е најголемата реконструкција од постоењето и изградбата.  Инвестицијата е 4,9 милиони евра, поддржана со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Договорот е потпишан со изведувачот „Кончар” од Хрватска, а има и македонски подизведувачи.  Битноста на оваа реконструкција е затоа што од оваа трафостаница се напојуваат 110 киловолтните трафостаници  во 70 отсто од регионот на Скопје и околината, меѓу кои се и индустриската зона Бунарџик, аеродромот, централното градско подрачје, изјави Шуклева по увидот во реконструкцијата.

Таа нагласи дека со реконструкцијата на трафостаницата ќе се добие поголема стабилност, помалку испади и помалку средства за одржување, со што, како што рече, ќе се подобри и климата за инвестиции во индустриските зони, а ќе има и поквалитетно напојување за граѓаните.

-Договорот за реконструкцијата е потпишан во септември 2018, рокот за завршување на работите е 30 месеци, односно до мај 2021 година. Очекуваме работите да завршат порано, бидејќи целата опрема е веќе пристигната и се поставува, рече Шуклева.

Министерот Сугарески посочи дека модернизацијата на трафостаницата е од исклучителна важност за граѓаните и компаниите во Градот Скопје и дека ќе обезбеди непречено и квалитетно снабдување со електрична енергија. Нагласи дека на терен се реализираат сериозни инвестиции во електропреносниот систем од кои само тековните проекти во четири трафостаници се вредни над седум милиони евра

-Луѓето што работат тука ме информираа што ќе значи како подобрување опремувањето и модернизацијата на оваа трансформаторска станица. Како што спомна и директорката  во најголема мерка ќе имаме непречено и квалитетно снабдување со електрична енергија  на поголем дел на објекти низ градот Скопје, рече Сугарески.

МЕПСО, потенцира, веќе работи на модернизација на електропреносниот систем на повеќе локации низ државата.

-Бевме на увид во изградбата во делот на далекуводот кај Штип и Пробиштип. Паралелно се најавени уште три проекти поврзани со далекуводи и тоа кај  Прилеп – Битола,  Штип – Овчеполе и  Велес – Овчеполе. Сметаме дека во натамошниот период ќе имаме силна офанзива  во делот на модернизација се со цел да им овозможиме на граѓаните и на компаниите во наредниот период да немаат никаков проблем со електричната енергија, рече Сугарески.

Модернизацијата на 400/110 киловолтната трансформаторската станица „Скопје 4″, информираат од АД МЕПСО, е дел од кредините аранжмани со ЕБОР, инвестициски пакет вреден над 50 милиони евра во кој е предвидена ревитализација на девет трансформаторски станици, изградба на шест далекуводи во националната преносна мрежа, изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница кај Охрид и изградба на нов 400 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува нашиот и албанскиот електроенергетски систем

Треба да знаете
Последни објави