Search

Меморандум меѓу МАСИТ и Стопанската Комора на Северозападна Македонија

Извршните директори на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии и на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Анита Никова Бундовски и Дриљон Исени денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Двете комори во иднина ќе реализираат заеднички активности кои вклучуваат: организирање на настани, вмрежување на компании, подигнување на јавната свест за одредени бизнис прашања од заеднички интерес, размена на информации, како и изработка на стратегии за клучните процеси во македонската економија. Крајната цел е посилно да се слушне гласот на бизнисот и активно да се делува во насока на креирање поповолна клима за водење и стартување бизнис во Република Северна Македонија.

Една од првите заеднички активности на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии и Стопанската комора на Северозападна Македонија е анализа на потенцијалот на земјата за аутсорсирање на бизнис процеси кон странски пазари (BPO- business process outsourcing). Оваа анализа треба да покаже колку во земјата има висококвалификувани работна сила (правници, економисти, сметководители и друг тип на профили) кои би можеле да даваат стручни услуги на странски пазари.

„Во сегментот на аутсорсирање на ИТ услуги како земја сме добро етаблирани и пазарот е веќе сатуриран, но цениме дека има и други полиња како сметководство, финансии, управување со човечки ресурси, консултантство и други во кои нашите стручни кадри можат да дадат сериозен придонес. Со оваа активност, ќе се постигнат две придобивки: ќе поттикнеме отварање на компании со висока додадена вредност и ќе овозможиме вработувања на високо квалификувана работна сила“, објаснува Анита Никова Бундовски, Извршен директор на МАСИТ.

„Придобивките од аутсорсирање на дел од бизнис процесите ќе придонесе за компаниите да ги фокусираат и искористат нивните вештини и знаења во нивната клучна бизнис активност, со тоа што ќе придонесе да ја зголемат нивната ефикасноста, чија крајна цел е постигнување на поголема компетитивна предност. Од друга страна, развојот на секторот на аутсорсирање ќе има позитивен импакт и врз економијата, со тоа што ќе овозможува отворање на нови работни места“, истакна Дриљон Исени, Извршен директор на СКСЗМ.

Треба да знаете
Последни објави