Search

Меланија за прв пат ги коментираше протестите во Америка

Првата дама на САД, Меланија Трамп преку социјалните мрежи повика на мирни протести во Минеаполис. Таа објавата ја сподели на „Твитер“, а со неа по прв пат ги коментираше протестите што избувнаа низ целата земја, разгорени од насилната смрт на афроамериканецот Џорџ Флојд за време на полициско апсење.

-Нашата држава дозволува мирни протести, но нема причина за насилство. Видов дека нашите граѓани се обединуваат и се грижат едни за други во текот на пандемијата и не можеме да престанеме да го правиме тоа сега. Мое искрено сочувство до семејството на Џорџ Флојд. Како нација, да се фокусираме на мир, молитви и закрепнување, напиша сопругата на американскиот претседател.

Нејзината порака доаѓа само еден ден откако „Твитер“ отстрани објава на Доналд Трамп поради кршење на правилата на таа социјална мрежа. Всушност, и тој твит се однесуваше на насилните протести во Минеаполис, при што претседателот се закани со ангажман на Националната гарда со пораката „кога ќе почнат насилства и провали, тогаш почнува и пукањето“.

Денеска Националната гарда навистина пристигна во Минеаполис, а Трамп тоа го соопшти повторно на „Твитер“.

-Гардата е на местото на настанот. Тие се во Минеаполис и се целосно подготвени. Џорџ Флојд не умре залудно. Оддадете му почит, напиша американскиот претседател.

Медиумите пренесоа дека петстотини војници на Националната гарда пристигнале во Минеаполис, каде се одржуваат протести поради смртта на Флојд.

Треба да знаете
Последни објави