Search

Мекинро: Мареј може да ја освои титулата во двојки на „Вимблдон”

Поранешниот тенисер Џон Мекинро верува дека Енди Мареј може да ја освои титулата во двојки на „Вимблдон”, но останува претпазлив во врска со неговите предвидувања за враќање на Британецот во сингл. Мареј се врати на импресивен начин на теренот минатата недела по петмесечно отсуство, кога освои титула во Лондон во тандем со Фелисијано Лопез.

Поранешниот број 1 во светот изгуби од Истборн во пар со Марсело Мело, но веќе објави дека ќе учествува во парови на „Вимблдон” заедно со четирикратниот Гренд-слем шампион Пјер-Југ Ербер. Шкотот сé уште не даде конкретен датум за негово враќање во сингл. 32-годишниот тенисер се опоравува по операцијата за замена на колк во јануари.

Говорејќи за „ЕСПН”, Мекинро рече дека е тешко да се предвиди колку успешен Мареј би бил, се додека не се врати повторно во сингл.

– Мареј рече дека повеќе не чувствува болка. Натпреварувањата во двојки очигледно се многу различни од сингл. Натпревар 3 од 5 е сосема различен од 2 од 3 со тајбрејк во решавачкиот сет. Но за мене беше многу пријатно да го видам повторно во игра – нетрпелив и релативно здрав. Ние не можеме дефинитивно да кажеме дека тој е подготвен додека не започне да игра сингл дуели и како телото ќе реагира, на пример, на тврда подлога, за разлика од трева. Во Квинс се чинеше дека тој покриваше половина од теренот, дека не се движи на ист начин како и порано, но со оглед на сè, бев исклучително среќен што го видов по толку долго време, додаде американецот.

Мекинро верува дека Мареј може да триумфира во парови на „Вимблдон”, но рече дека не требало да игра во Истборн по исцрпувачката недела во Лондон.

– Мислам дека тој не мораше да учествува во Истборн бидејќи играше повеќе натпревари отколку што се очекуваше во Квинс и го освои турнирот – мораше да се одмори и да се концентрира целосно на „Вимблдон”. Но, тој беше убеден во себе, сакаше да игра повеќе. Можеби оваа недела во Квинс се исцрпи енормно, и физички и ментално. Мислам дека тој може да стане шампион на „Вимблдон”. Како што може да триумфира со титулата, тој исто така може да загуби во првиот круг.Но ќе биде неверојатно ако стане шампион”, рече поранешниот тенисер.

Треба да знаете
Последни објави