Search

МВР: Не постои ниту една причина Груевски да добие азил во Унгарија

Не постои ниту една причина Никола Груевски да добие азил во Република Унгарија, изјавија од Министерството за внатрешни работи откако и официјално ги известиле своите колеги во Унгарија за потерницата по поранешниот премиер. Од македонското Министерство велат дека ги известиле колегите и за затворската казна на Груевски кога од нив добиле потврда дека тој е во Унгарија и дека бара азил.

„Условите Никола Груевски да биде екстрадиран се исполнети и не постои ниту една причина тој да добие азил во Република Унгарија. Го известивме Министерството за внатрешни работи на Република Унгарија дека за Никола Груевски е распишана потерница и дека се бара за издржување затворска казна во траење од две години за сторено кривично дело – примање награда за противзаконско влијание од чл. 359, ст. 2 од КЗ. Веќе е распишана и меѓународна потерница и ова лице треба да биде екстрадирано во Република Македонија. Двете министерства за внатрешни работи досега имаа одлична соработка, исто како и двете земји, Република Македонија и Република Унгарија, и очекуваме таквата соработка да продолжи“, велат од МВР.

Двете министерства лани се обврзаа на меѓусебна соработка, посебно во делот мигранти, но од МВР, и покрај унапредената соработка, нема одговор на прашањата дали нивните унгарски колеги им кажале каде е сместен Груевски, дали го поднел барањето за азил и дали веќе се направени разговор и интервју по барањето.

Од МВР не одговорија дали побарале податоци од унграските колеги како лично поранешниот премиер ја минал затворената балканската мигрантска рута.

Треба да знаете
Последни објави