Search

Мајка што протестирала против вакцини во Кина повеќе од еден месец во затвор

Кинеска активистка за строги инспекции на вакцини е уапсена пред повеќе од еден месец, изјави денеска нејзиниот сопруг, откако таа учествувала во протест поради погрешни вакцини.

Според полициските документи што на интернет ги објави Ли Ксин, неговата сопруга Хе Фангмеи поради „кривично дело” е спроведена во затворскиот центар Ксинџијанг во централниот дел на кинеската провинција Хенан.

Ли (33), изјави дека на неговата ќерка и била дијагностицирана невролошка болест по добивањето вакцина против хепатит А, мали сипаници и други болести. Тој и неговата сопруга учествувале во протест против погрешни вакцини во Пекинг во почетокот на март.

Подоцна таа била притворена од локалната полиција во провинцијата Хенан на 5 март и обвинета за „предизвикување проблеми” – широко распространета квалификација за прекршок што кинеските власти често ја користат за апсење активисти.

Кина редовно е погодена од скандали со токсична храна, лекови и други производи, и покрај ветување од страна на владата за решавање на проблемот, јавуваат западни медиуми.

Во текот на изминатата година, вакцините станаа тема која налути родители чии деца можат да бидат изложени на потенцијално небезбедни инјекции.

Во јануари, најмалку 145 деца во источна Кина беа вакцинирани со полио вакцини со поминат рок, помалку од една година по скандал со 100.000 вакцини против беснило, кога компанијата фалсификувала регистри за производство и модифицирала производствени параметри.

Фармацевтската фирма одговорна за вакцините, компанијата !Чангчунг Чангшенг Биотехнологија”, беше казнета во октомври со запленување имот и парично во висина од 9,1 милијарди јуани (1,36 милијарди долари).

Во февруари кинеско антикорупциско тело соопшти дека казнило повеќе од 80 лица поврзани со скандалот со вакцините против беснило.

Треба да знаете
Последни објави