Search

Мартинели не мрда од Арсенал, потпиша нов договор

Откако заврши лудилото во јануарскиот преоден рок, Арсенал се сврте и кон постоечкиот ростер, па се погрижи да го задржи најдоброто во него. Таков е случајот со 21-годишниот Бразилец Габриел Мартинели.

„Топџиите“ утрово се пофалија дека го продолжиле договорот со Мартинели до јуни 2027 година. Тој е еден од столбовите на фантастичните настапи оваа сезона и со седум гола е на делба на второто место меѓу стрелците во тимот, заедно со Букајо Сака, помалку само од Мартин Едегард.

„За нас е голема работа што Габриел потпиша нов договор со клубот. Нашата идеја е да градиме тим од млади таленти, каков што е тој“, изјави спортскиот директор на Арсенал, Еду.

Мартинели дојде во Арсенал како 18-годишник, во јули 2019 и отогаш тивко и посветено си го избори своето место во првите 11. Есеноска доби место и во бразилската репрезентација на СП во Катар, иако не беше стартер, па одигра цел меч со Камерун и некоја минута против Србија и против Јужна Кореја. За Арсенал има вкупно 111 меча, а во нив 25 гола и 16 асистенции.

Треба да знаете
Последни објави