Search

Мапирани и снимени 42 диви депонии во Долнореканскиот крај

Здружението за екологија и унапредување на културата и спортот „Тритон” од Ростуше, во соработка со НВО Инфоцентар денеска ги мапираше дивите депонии во Долнореканскиот крај, во националниот парк Маврово, и со дрон сними дури 42 депонии.

Идејата на целата акција, како што соопштува Инфоцентарот, е да се поттикнат властите на локално и национално ниво, надлежните институции и граѓаните, да најдат ефикасно системско решение за чистење на дивите депонии, а потоа напорите да се насочат кон превенција од создавање други диви депонии.

Депониите се лоцирани и снимени со помош на локалното население од селата Ростуше, Велебрдо, Битуше, Требиште, Видуше, Жировница, Врбјане, Јанче, Аџиевци, Присојница и Скудриње.

Инфоцентарот нагласува дека очекуваат поддршка од граѓаните во чистењето на дивите депонии, но и да ги сменат старите навики и да прифатат нови решенија со кои ќе се заштитат природните убавини на националниот парк.

Снимениот видео материјал им беше презентиран на претставници од општина Маврово и Ростуше, месните заедници, Националниот парк и од Јавното комунално претпријатие „Маврово”.

-За да се поттикне менувањето на навиките за фрлање отпад кај локалното население и за подигање на свеста за потребата од заштита на животната средина, во рамки на акцијата беа донирани и 40 канти за отпадоци, кои ќе бидат поставени во 10 населени места во Долнореканскиот крај, информира организацијата Инфоцентар.

Акцијата за мапирање на дивите депонии е реализирана во рамки на проектот „Активни граѓани за партиципативна локална демократија”, кој го спроведува НВО Инфоцентарот со финансиска поддршка од Меѓународниот центар Улоф Палме.

Треба да знаете
Последни објави