Search

Манчевски: Новинарите се новите борци за слобода и заштитен механизам

Новинарите се новите борци за слобода и заштитен механизам и ние мора да ги обезбедиме сите потребни алатки за да можат да ја водат таа борба, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска на панел сесијата на тема: „Политиките и медиумите”, во рамки на најголемата медиумска конференција „Денови на медиумите ЕУ-Западен Балкан”, во Подгорица.

Манчевски се осврна на реформите направени во изминатите две години во медиумската сфера во Северна Македонија, новиот Закон за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, како и за предизвикот во справување со дезинформациите и лажните вести и концептот на саморегулација.

-Новинарите се новите борци за слобода и заштитен механизам и ние мора да ги обезбедиме сите потребни алатки за да можат да ја водат таа борба. Наша улога е да бидеме вклучени во реформите, но политичарите не се тие кои треба да ја водат таа борба, истакна министерот Манчевски, осврнувајќи се на измените во Законот за АВМУ.

Зборувајќи за саморегулацијата, министерот Манчевски потенцираше дека верува во концептот, но резултатите се уште не се видливи. Според него, соочени со штетата и се поголемиот замав на лажните вести, потребни се и конкретни мерки за регулација.

-Искуствата од Референдумот за промена на името, потврдија дека тие кои се на другата страна од вистината и професионалното новинарство, се организирани и прават непоправлива штета врз демократските принципи во нашата земја, рече министерот Манчевски.

Во однос на одржливоста на независните медиуми и професионалното новинарство, како што истакна министерот Манчевски, Владата на Северна Македонија, целосно го укина финансирањето и рекламирањето на медиумите. На тој начин, направи значителна промена, од времето кога претходната Влада, целосно ги финансираше медиумите и на тој начин влијаеше врз нивната работа.

-Се уште е отворена дебатата и нема вистински одговор на прашањето дали е потребно финансиски да се поддржуваат медиумите, со гаранција дека нема да се влијае врз уредувачката политика, заклучи, отворајќи дебата за саморегулацијата и поддршката што Владата треба да ја обезбеди за медиумите.

Заедно со министерот Манчевски, на панел сесијата, како што соопшти МИОА, се обратија и Жељко Путовиќ, од Владата на Црна Гора, Алфред Лела од Политико, Елена Черниавска од ОБСЕ, Есмир Милавич – Н1 и Валери Хопкинс од Фајненшл Тајмс.

Присуството на министерот Манчевски на конференцијата, беше особено поздравено од организаторот и останатите учесници, затоа што беше единствен министер од Западен Балкан, којшто ја прифати поканата и активно учествуваше на настанот.

Конференцијата е во организација на Европската Комисија.

Треба да знаете
Последни објави