Search

Манчевски во ТВ21: Реформата на администрацијата нема да има жртви, секој ќе си го најде соодветното место

„Во моментов начелно имаме четири модели за трансформација на јавната администрација и заедно со стопанските комори сме фокусирани да ги утврдиме најдобрите начини како административците да се професионализираат, да станат стручни и ефикасни”- изјави Дамјан Манчевски, министер за администрација и информатичко општество во синоќешната емисија “ЕУ клик” на телевизија 21. Министерот објасни дека првиот модел е со субвенции за придонесите на административците кои ќе преминат во приватен сектор. Со тоа приватните работодавачи ќе имаат обврска за поголеми плати на вработените затоа што државата ќе ги помогне финансиски.

Вториот модел е државата да го плати процесот на преквалификација, а потоа приватниот сектор да ги апсорбира квалификуваните кадри без државата да има финансиски обврски понатаму и ова е модел што најмногу им одговара на работодавачите затоа што ќе имаат целосно подготвен кадар.

Третата опција е со внатрешна преквалификација, односно еден административец да може да се стекне со знаења и вештини за друга позиција во самата администрација. И на крајот се нуди опцијата секој административец што сака да замине тоа да го направи со отпремнина со одреден број на плати.

„Целта на сите модели кои ги анализираме е да направиме професионална, ефикасна и бројно доволна администрација со која беспрекорно ќе функционира системот. Воедно да овозможиме повисоки плати, никој да не биде избркан од работното место, а оние кои ќе заминат во приватен сектор да имаат подобри услови за работа и поголеми плати. Со еден збор, нема да има ниту една жртва, затоа поентата ни е да го искористиме човечкиот потенцијал, а не да ги оставиме без работа, дури и оние чија работно позиција би се укинала во новата систематизација. Впрочем, ние сме социјална држава, лево ориентирана партија, што значи дека поголема грижа ќе водиме секој да има работно место, но според звањето, искуството и знаењето”- истакна Манчевски.

Во моментов има 19 отсто административци од вкупниот број вработени во државата што значи дека Македонија не отскокнува од европскиот просек кој изнесува 17 отсто, но затоа во држави како скандинавските тој процент е над 20, а некаде и 30 отсто. Во врска со департизација на административните служби е подготвен Закон за високо раководна служба со крајна цел, секој што ќе биде вработен да го помине филтерот преку независна комисија.

„По примерот со изборот на Антикорупциската комисија, сега предвидуваме формирање на независна комисија од вкупно 11 членови, од кои само четворица ќе бидат пратеници. Таа комисија ќе мора низ отворена и јавна постапка да ги избере најдобрите кандидати за раководни позиции во администрацијата и за секое раководно место на Владата да му понуди три кандидати, од кои потоа ќе биде избран најдобриот. Овој закон е напишан заедно со Европската Унија и следната недела се очекува расправа во собраниската комисија за политички систем”- пренесе Манчевски во емисијата на ТВ 21. Целиот процес на реформи во администрацијата го кочи опозицијата која е против професионални и стручни кадри и која не сака промени, туку инсистира да остане се по старо и затоа пратениците на ВМРО ДПМНЕ отвораат непотребни конфронтирања.

„Владата на ВМРО ДПМНЕ никогаш не ја објави точната бројка на административци, тоа беше на ниво на државна тајна. Ако сака опозицијата вистинска реформа, а не и се допаѓаат предвидените модели за реорганизација тогаш има прилика да изнесе свои предлози и идеи, но во ниту еден случај не може да се нападне целиот концепт, а при тоа да не се нуди решение”- изјави Манчевски.

За прв пат после 30 години државата има подготвено анализа заедно со странски експерти која предвидува целосно нова поставеност на органите на државната управа, а ќе биде јавно преставена на почетокот на февруари.

Треба да знаете
Последни објави