Search

„Манифест” за развој на руралните средини

Првиот Национален рурален парламент денеска во Крушево донесе „Манифест”. Документот ја содржи основната визија дефинирана пред три години – обезбедување подобар живот преку интегриран рурален развој.

„Манифестот” ќе и биде предаден на Владата со што ќе се упати барање за трансформација на руралните области во атрактивно место за работа и престој, преку обезбедување одржливост на животната средина, отворање работни места, раст и подобар квалитет на живот.

-Во последните 20 години станува се појасно дека руралниот развој може да функционира само ако е креиран од луѓето за луѓето. Владата не може сама да го профункционира, бидејќи главните двигатели се токму луѓето кои живеат во руралните средини, велат од првиот Национален рурален парламент.

Целта на Парламентот кој ќе „заседава” секои две години, е да создаде национална платформа на рурални граѓански организации, ЛАГ-ови и здруженија за земјоделство и рурален развој, која ќе воспостави комуникација со локалните и националните власти во заедничко дефинирање на политиките и прашањата поврзани со руралниот развој.

На денешниот настан во Крушево присуствуваа градоначалникот Томе Христоски, претставници на мрежите за рурален развој од Србија, Хрватска, Албанија, Црна Гора и Косово, ПРЕПАРЕ партнерството за рурална Европа, како и членовите на Мрежата за рурален развој и други претставници на руралните заедници во земјава. Проектот „Национален рурален парламент како глас на руралните граѓани” е финансиран од ЕУ и имплементиран од Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе во соработка со Мрежата за рурален развој и Акцијата за рурален развој.

Треба да знаете
Последни објави