Search

Мало олеснување на антиковид мерките во Косово по падот на бројот на заразени и починати

Косовската Влада денеска донесе одлука за воведување нови мерки за заштита од пандемијата на Ковид-19, кои, со оглед на видното опаѓање на бројот на новозаболни и на починати во последните неколку недели, се во извесна мерка олеснети во споредба со оние кои досега беа во сила, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешната одлука на Владата на Албин Курти, во наредниот период полицискиот час ќе трае наместо од 22 часот, како што беше досега, од 24 до 5 часот наутро, а се продолжува за еден час и работното време на угостителските објекти, така што тие ќе можат да работат од пет до 23 часот.

Останатите мерки, како што е задолжителното носење маски и поседување доказ за вакцинација или негативен РТ-ПЦР тест при влез во Косово или при посета на угостителските објекти и трговските центри, остануваат непроменети. Останува и забраната за работа на ноќните клубови, како и организирањето фестивали, концерти, екскурзии, свадби, веридби и семејни и други веселби.

Наставниот процес ќе се одвива со физичко присуство на учениците и училишниот кадар во сите образовни институции, од предшколски, до универзитетски.

Во образложението на Владата за новите мерки се наведува дека, „според последните извештаи на Националниот институт за јавно здравство на Косово, епидемиолошката ситуација со Ковид-19 во земјата е стабилна, меѓутоа опасноста останува, затоа што делта варијантата и натаму е доминантна”. Исто така се предупредува дека оваа варијанта на коронавирусот предизвикува влошување на состојбата во повеќе земји во светот.

Според официјалните статистики на косовските здравствени власти, епидемиолошката состојба во земјата во последно време бележи позитивен тренд. На пример, последните 10 дена се регистрирани само два смртни случаја на заболени од Ковид-19, а од по две до три илјади извршени тестирања дневно, во просек резултираат по 15 до 20 новозаразени.

Во последниот извештај на Министерството за здравство на Косово се наведува дека изминатите 24 часа немало ниеден смртен случај, извршени се 2.280 тестирања, откриени се 16 новозаразени, а во истиот период се евидентирани 33 излекувани пациенти. Бројот на активни носители на вирусот изнесува 464.

Треба да знаете
Последни објави