Search

Макрон предупреди дека антисемитизмот е на највисоко ниво од Втората светска војна

Францускиот претседател Емануел Макрон најави остри мерки против антисемитските злосторства, неколку дена откако во Париз се одржаа протести против порастот на антисемитски инциденти низ целата земја.

Во говорот пред лидерите на еврејската заедница во Париз во средата вечерта, Макрон ја критикуваше повторната појава на антисемитизмот „каков што не е виден од Втората светска војна“, а за кој тој рече дека не е присутен само во Франција, туку во цела Европа и повеќето западни демократии.

Претседателот додаде и дека анти-ционизмот е една од современите форми на антисемитизам, и како одговор на тоа, Франција ќе ја усвои дефиницијата за антисемитизам дадена од Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.

Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, исто така, презема мерки за забрана на три антисемитски и екстремно десничарски групи, за кои претседателот рече дека „поттикнуваат омраза“.

Францускиот министер за образование ќе ги испита и случаите на еврејски деца кои како резултат на вознемирување често се принудени да ги напуштат јавните училишта и да се запишат во приватни еврејски училишта, додаде Макрон.

Ваквиот развој доаѓа во период кога антисемитските инциденти во Франција се во драматичен пораст. Франција, која е дом на најголемата еврејска заедница во Европа, забележа зголемување од 74% во таквите дејства во 2018 година во споредба со годината претходно.

Протестите во вторникот беа резултат на антисемитските инциденти во кои на над 80 надгробни плочи на едни еврејски гробишта беа исцртани свастики. При посетата на гробиштата Макрон го осуди таквиот напад, ветувајќи дека ќе бидат преземени мерки, а сторителите ќе бидат казнети.

Треба да знаете
Последни објави