Search

Макрон планира да ги одложи општинските избори до октомври

 Претседателот на Франција Емануел Макрон за време на Советот на министри во средата, ја покрена идејата за одложување на општинските избори до октомври. Тој мора да разговара за тоа со Ришар Феран и Жерард Ларше на денешниот работен ручек во Елисејската палата, додека премиерот Едуар Филип ќе биде на видео конференција со лидерите на опозицијата, јави дописникот на МИА.

Кризата со коронавирусот ја принуди извршната власт да го одложи вториот круг од општинските и меѓуопштинските избори, првично вториот круг беше предвиден на 21 јуни. Извештајот од Научниот совет, кој се очекува до средината на мај, треба да ја потврди оваа одлука. Сепак, сценариото се чини дека се промени во последните часови. Толку многу што Емануел Макрон тоа јасно го искажа на Советот на министри оваа среда.

Според информациите во францускиот печат, претседателот на Републиката ја искористил оваа затворена седница за да ја спомени можноста за одложување на изборите до октомври. Загрижен да не го повтори жалното фијаско што ја проследи организацијата на првиот круг, кога Французите истовремено беа повикани да гласаат, а другиот ден да останат дома. Макрон денес ќе се состане со претседателот на Националното собрание, Ришар Феран, и на Сенатот, Жерар Ларше. Тој ќе го искористи работниот ручек за да обезбеди нивна поддршка за оваа идеја.

Премиерот Едуар Филип оистобвремено ќе расправа со лидерите на опозицијата на видео конференција. Тоа ќе биде четврта средба организирана во овој формат од шефот на француската Влада. Несомнено е дека општинските избори ќе бидат тема  на дневниот ред на средбата, додека лидерите на партиите едногласно се пожалија дека не биле консултирани за можно одложување на изборите во пресрет на првиот круг.

Најверојатно ќе биде неопходно целосно да се реорганизираат општинските избори во околу 4.000 општини каде во првиот круг немаше победник.

Но, таквата одлука нема да биде без последица, бидејќи сенаторските избори нема да можат да се одржат доколку гласачите – а тоа се локалните избрани претставници – не бидат избрани пред летото. Обновувањето на половина на составот на Сенатот (Горниот дом) со 178 места првично беше предвидено да се гласа следниот септември. 

Треба да знаете
Последни објави