Search

Макрон ги нападна „жолтите елеци“ поради антисемитски коментари

Францускиот претседател Емануел Макрон ја осуди вербалната злоупотребата на добро познат филозоф од страна на група демонстранти од „жолтите елеци“ на протестот што во саботата се одржа во Париз.

Неколкумина демонстранти беа снимени како му дофрлаат навреди на филозофот Ален Финкелкраут, кој е голем поддржувач на Израел, кога тој се најде меѓу демонстрантите во текот на 14-тиот викенд на протести.

Демонстрантите го нарекуваа Финкелкраут „валкани ционист“ и „е*** исламофоб“, навреди кои беа најстрого осудени од страна на францускиот претседател.

„Како син на полски емигранти, кој стана француски академик, Ален Финкелкраут не е само еминентен писател, туку и симбол на тоа што им Републиката им нуди на сите“, напиша Макрон на Твитер.

„Антисемитските навреди на кои тој бил подложен, се апсолутна негација на тоа кои сме и што нè прави голема нација. Нема да ги толерираме“, додаде тој.

Во саботата, Финкелкраут реагираше на навредите во францускиот неделен весник Le Journal Du Dimanche, велејќи: „Почувствував апсолутна омраза, и за жал тоа не беше прв пат“.

Канцеларијата на обвинителот во Париз покрена истрага за „јавната злоупотреба врз основа на потекло, етничка припадност, земја, раса или религија“, прекршок со максимална казна од една година затвор и парична казна од 45.000 евра.

Треба да знаете
Последни објави