Search

Макрон во Вашингтон предупреди на опасноста од „суперагресивни” субвенции

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа во Вашингтон ги осуди „суперагресивните” мерки преземени од Џо Бајден за стимулирање на американската индустрија и предупреди дека тие ризикуваат „фрагментација на Западот”.

На првиот ден од официјалната посета по повод прославата на француско-американското пријателство, францускиот претседател не ја криеше својата загриженост при средбата со американските парламентарци.

Огромните субвенции што американскиот претседател одлучи да ги даде во големиот економско-социјален закон наречен „Закон за намалување на инфлацијата” (ИРА) се „суперагресивни за нашите компании”, се пожали францускиот претседател.

– Не сакам да станам пазар за американски производи бидејќи ги имам сосема истите производи како вашите. Имам средна класа (која мора) да работи и луѓе кои мора да најдат работа. А последицата од ИРА е тоа што можете да го решите својот проблем, но ќе го влошите мојот. Жал ми е што сум толку директен, рече Макрон.

Макрон допатува во Вашингтон во втора државна посета од преземањето на функцијата во 2017 година, за која француските власти и претходно најавија дека ќе се спротивстават на Џо Бајден во однос на субвенциите од тој закон. За време на состанокот со парламентарците во Конгресната библиотека, Макрон рече дека Законот за намалување на инфлацијата е „супер агресивен” кон европските компании, изјави еден од учесниците во разговорот за западни медиуми под услов да остане анонимен.

Кабинетот на Макрон одби да ги потврди коментарите на францускиот претседател, кои ги објавија и француски медиуми.

Европските лидери се пожалија на законодавниот пакет потпишан од Бајден во август, кој обезбедува силни субвенции за американските производи, што ги става неамериканските компании во нерамноправна положба и ќе биде сериозен удар за нивните економии во време кога Европа се бори со последиците од руската агресија врз Украина.

На прашање за европските грижи, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека законот „претставува значителни можности за европските компании, како и придобивки за енергетската безбедност на ЕУ”. ИРА има одредби кои ќе придонесат за растот на секторот за чиста енергија на глобално ниво, додаде таа.

Говорејќи во присуство на новинари, Макрон рече дека Франција и САД треба да ги здружат силите за да ги реформираат Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за да може нивните средства да се насочат кон земјите погодени од климатските промени.

Претходно, Макрон го посети седиштето на НАСА со американската потпретседателка Камала Харис и рече дека американско-француската соработка е важна за да се спротивстави на ризикот од конфликт во вселената. Двајцата најавија нова американско-француска соработка во вселената за време на состанокот во Париз пред една година.

Макрон рече дека вселената претставува „ново место на конфликт” и оти е важно Франција и САД да соработуваат за да постават правила и норми, бидејќи тие споделуваат посветеност на науката, како и на демократските вредности. ј

Треба да знаете
Последни објави