Search

Макрадули во посета на енергетски ефикасните објекти во Струмица

Заменик министерот за животната средина и просторно планирање, Јани Макрадули заедно со градоначалникот Коста Јаневски денес ги посетија енергетски ефикасните објекти во Струмица. Заедничка оценка е дека на планот на заштита од аерозагадувањето општината има постигнато значајни резултати, особено заради фактот што Струмица беше пионер во гасификацијата во државата.

-Сите мерки се работат стратешки и се потполно компатибилни и комплементарни со активностите на централно ниво во имплементација на Планот за чист воздух за намалување на аеро загадувањето со трите клучни компоненти: замена на нееколошките извори на затоплување, енергетската ефикасност и урбаното зеленило, рече Макрадули.

Додаде дека во осум објекти се заменети старите и нееколошки извори на затоплување со инвестиција од 4 милиони и 800 илјади денари, како и во болницата каде се инвестираат 5 милиони денари и подобрувањето на енергетската ефикаснот на поранешниот Дом на АРМ, каде се инвестирани 2 милиони и 100 илјади денари.

-Ова не е значајно само заради еколошката компонента, односно намалувањето на аеро загадувањето, туку има и своја економска компонента. Сите показатели покажуваат дека со воведување на енергетската ефикасност се намалуваат сметките за енергија од 30 до 50 проценти, но и да потсетам дека еден тон нафта во воздухот емитува еден килограм ПМ честички, исто и еден кубен метар дрва и практично сите овие објекти помалку ќе емитуваат помалку ПМ честички во воздухот во износ од шеесетина килограми со што драстично го намалуваме загадувањето, подвлече заменикот министерот Макрадули.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски информираше за мерките и активностите кои ги презема општината за заштита на животната средина.

-Нашите главни иницијативи во овој период и во периодот кој следува се базираат на изработка на еден стратешки пристап во решавање на овие проблеми и во тој контекст веќе имаме подготвено и стратегија и акциски план за подобрување на амбиенталниот воздух. Изработена е и стратегија за енергетска ефикасност од 2019 до 2023 година и во тие содржини има повеќе проекти кои се завршени или се во тек на имплементација, рече градоначалникот Јаневски.

Додаде дека еден од позначајните проекти кои се реализираат е проширувањето на гасоводната мрежа од 7 километри, со што вкупната должина на гасоводната мрежа ќе изнесува околу 41 километри. 

Треба да знаете
Последни објави