Search

Македонците и храната: Не е битно да е квалитетна и безбедна, битно е да е евтина

Дури половина од Македонците кога купуваат храна гледаат да е поевтина и квалитетот не е пресуден пред цената.  Околу 43 отсто од нив храна купуваат заради задоволување на гладта пред се, а најмалку внимание обрнуваат на проверката на количината на калории и хранливи вредности. Тоа го прават само 26,5% од нив. Загрижува фактот што 16,3% од граѓаните не ја знаат количината на калории и хранливи вредности, односно само 19,6% од нив се одлучуваат изборот да го направат според хранливите вредности. Ова се само дел од резултатите до кои дојде 24 инфо, а се дел од истражувањето кое го направила Агенцијата за храна

Целта на анкетното истражување е да се истражат знаењата на потрошувачите, кои се однесуваат на информациите за храната, а кои се наоѓаат на етикетите на прехранбените производи и да се утврди дали тие влијаат во изборот на храната, заради практикување на правилната исхрана.

-Конкретни цели на истражувањето се дали потрошувачите ги читаат информациите на етикетите, кои се причините поради кои не ги читаат, доколку не ги читаат, дали информациите на етикетите се јасни, разбирливи и корисни кои информации ги читаат и дали ги сметаат за важни и корисни информациите на етикетите. Многу е битно да се знае дали Македонците ги користат нутритивните информации заради практикување на правилна исхрана и дали информациите на пакувањата на храната им помагаат при избор на здрава храна. Потоа важно ни беше да видиме што за македонскиот потрошувач значи здрава храна и колку е тоа важно за нив при изборот на храната која ја купуваат и консумираат- велат во Агенцијата за храна.

Најголемиот број од граѓаните односно 66,9% се одлучуваат за избор на свежа и вкусна храна, потоа изборот го прават според тоа колку е безбедна храната односно 56,7%. Според истражувањето може да се увиди дека големо влијание при изборот на храна кај граѓаните има степенот на образование, односно 78.5% од високо образовната популација се одлучува за свежа и вкусна храна, а притоа најголем процент од нив (70.6%) внимаваат на нејзината безбедност. Исто така тие со високо образованите најмногу внимаваат на количината на калории и хранливи вредности или 25.5%.Најголемиот број од граѓаните односно 51,6% и 51,3% сметаат дека економската криза негативно ќе влијае на квалитетот на нивниот живот односно загадувањето на околината ќе им наштети на нивното здравје. Дури 45,9 проценти сметаат дека храната која ја консумираат ќе им наштети на нивното здравје, што води кон фактот дека голем процент од нив е свесен за влијанието кое храната го има врз квалитетот на животот кај секој од нив.

Возраста и образованието влијаат на тоа дали информациите на означувањето на храната се доживуваат како јасни и разбирливи. Најмладата категорија на потрошувачи 18-34 години во поголем број (43%), како и потрошувачите со средно (35%) и високо (35%) образование во поголема мера сметаат дека информациите на пакувањата се јасни и разбирливи.Од друга страна, најстарата категорија потрошувачи на возраст од 55+ години (28%), како и потрошувачите со основно образование (38%) во поголем број од другите возрасни иобразовни категории сметаат дека информациите на пакувањата воопшто не се јасни. Основни информации кои потрошувачите ги читаат од пакувањата на храната се датумот на истекување на трајноста (68%) и името на производот (47%).

Околу една третина од потрошувачите секогаш ги читаат и земјата на потекло (35%) и листата со состојки (34%). Останатите информации, а кои се однесуваат на здравата исхрана, секогаш ги читаат помалку од една третина од потрошувачите. Генерално останатите информации на означувањата на храната и пјалоците, а кои се однесуваат на храната и здравјето, како што се калориската вредност, присуството на алергени, или други специфични состојки, како и препорачаниот дневен внес и другите препораки, во поголем број ги читаат жените и потрошувачите со средно и високо образование. Најголем дел од потрошувачите (64%) сметаат дека основна функција на информациите за храната е да им помогне подобро да разберат што има во храната која ја купуваат и јадат и да им го олесни процесот на купување (34%).

Само 27% од потрошувачите сметаат дека целта на информациите на пакувањата на храната и пијалоците е да им помогне на потрошувачите да направат поздрав избор на храната која ја купуваат и јадат.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави