Search

Македонците знаат да препознаат квалитетен мед, секогаш има луѓе кои го ценат трудот и природните производи, вели младиот пчелар Ненад од Грљани

Преземено од Агротим.мк

На тромеѓето помеѓу Осоговските планини, Голак и Плачковица на надморска висина од околу 780 метри, на три различни локации се наоѓаат кошниците со пчели на 27-годишниот Ненад Јанчов од с. Грљани, млад пчелар кој веќе десетина години професионално се занимава со пчеларство.

„Со пчеларство се занимаваме многу одамна, моите отсекогаш имале неколку кошници (во тоа време трмки) па може да се каже дека сум израснат во пчелите. Инаку професионално со пчеларство се занимавам од пред околу 10 години кога за прв пат учествувавме во програмата за рурален развој, и така ја набавивме првата професионална опрема. Во меѓувреме бев на неколку обуки за пчеларство што можам да кажам дека ми помогнаа многу, за на индивидуално ниво да развијам вештини и да почнам попрофесионално да гледам на оваа гранка.“, вели Ненад, кој по професија е машински инженер.

Ненад има околу 100 пчелни семејства распоредени во атарот на селото Грљани.

„Во моментов располагаме со скоро секаква пчеларска опрема меѓу која машина за производство на сатни основи, имаме околу 100 пчелни семејства на 3 различни локации, сите во атарот на село Грљани каде што моментално живеам, селото е од разбиен тип, географски се наоѓа на тромеѓето помеѓу Осоговските планини, Голак и Плачковица на надморска висина од околу 780 метри.“, ни објасни Ненад.

Покрај медот произведува и други производи – полен, перга и матичен млеч, од кои пак со дополнително мешање се добиват други производи како „имуно мед“.

„Скоро целиот пласман (сите производи) ги продаваме на мало тука во Македонија по муштерии и пазар кој сами си го имаме разработено. Иако кај нас има доста увозен мед, а и економската криза си го прави своето, сепак Македонците знаат да препознаат квалитет и секогаш има луѓе кои го ценат трудот и природните производи. Ние акцентот не го ставаме на квантитетот, туку на добивање квалитетни 100% природни производи кои не содржат штетни хемиски средства, наспроти повеќето пчеларски производи што се нудат на пазарот, а не ја осигуруваат безбедноста и квалитетот на производите.“, вели Ненад.“

Го прашавме Ненад како оваа блага зима влијае на пчелите и дали доколку дојде до нагло заладување, пчелите ќе можат да го поднесат топлинскиот стрес.

„Секако, промената на временските услови, благите зими, воопшто не се добри и влијаат лошо на целата агро-сточарска гранка, а пчелите се први на удар. Временските услови (високите температури) ги принудуваат пчелите на работа и старт на сезона која не е спремна, при што пчелите губат премногу енергија и има процентуално (по кошница) доста загуби. Од друга страна во вечерните часови имаме ниски температури и со тоа размножувањето речиси е оневозможено. Остануваат се помал број пчели во кошниците и може да се случи да не ја преживеат зимата која допрва треба да дојде, а оние пак кои ќе преживеат, трпат загуби и со тоа е оневозможен брз старт напролет.“, објасни младиот пчелар.

И покрај предизвиците со кои се соочува, Ненад ќе продолжи да се занимава со пчеларство, а негов план е да продолжи со експандирање на бројот на пчелни семејства и брендирање на производите, заедно со неговото семејство кое исто така е вклучено во целиот процес.

Треба да знаете
Последни објави