Search

Македонското знаме кренато пред седиштето на НАТО во Брисел

Знамето на Северна Македонија попладнево е кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса. Знамето беше кренато додека се интонираше химната на Република Северна Македонија.

Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во Северноатлантската алијанса посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Ние сме денеска собрани овде да и посакаме добредојде на Северна Македонија во семејствоото на НАТО со подигнување на знамето. Триесет знамиња сега ќе се веат заедно како симбил на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа години посветеност и заложба за реформите, рече Столтенберг.

Тој истакна дека Договорот од Преспа го овозможи пристапувањето во НАТО и овозможи добросоедски односи и светла иднина за Северна Македонија

– Вашата напорна работа го овозможи овој ден. Ова е добро за стабилноста, безбедноста и мирот на цел Западен Балкан, рече Столтенберг.

Тој потенцира дека во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО!, порача Столтенберг.

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски.

-Во последните три години донесовме големи одлуки со кои станавме подобра држава и подобро општество. Еве ја и наградата. Држава која ќе остане искрен и добар сосед, сојузник на кој секогаш ќе можат да сметаат. Наша должност е да им оддадеме признание на сите кои ни помогнаа. Ова посебно се однесува на претходниот претседател на Владата, Зоран Заев, на нашите пријатели САД. Од денеска ние сме НАТО, истакна Спасовски.

Тој додаде дека ќе се избориме и со корона вирусот и Северна Македонија ќе продолжи кон подобра иднина.

Формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на САД во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјава во Алијансата.

Треба да знаете
Последни објави