Search

„Македонски Телеком” со зголемени приходи од продажба за 0,7 проценти во првата половина од годината

Приходите од продажба на „Македонски Телеком” во првите шест месеци од годинава, во споредба со претходната година, се зголемени за 0,7 отсто и изнесуваат 5.177 милиони денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е намалена за 2,7 отсто, заради зголемување на оперативните расходи во споредба со истиот период од претходната година, соопшти денеска компанијата. Оттаму оценуваат дека во првата половина од годината бележат добри резултати наспроти сите предизвици на работењето што ги наметна Ковид-19 пандемијата и потенцираат дека продолжува трендот на раст на бројот на корисниците во сегментот на интернет и телевизија.

– Како резултат на континуираната посветеност за поврзување на корисниците и обезбедување квалитетни услуги и во услови на пандемија, зголемена е базата на корисници со пристап до широкопојасен интернет за 4,8 отсто, при што вкупниот број изнесува 207 илјади. „Македонски Телеком” и понатаму останува на позицијата лидер во ТВ сегментот на пазарот, нудејќи ексклузивни содржини и уникатно ТВ искуство. Со растот на бројот на корисници за 4,7 отсто (вклучувајќи ги Magenta 1, Internet&ТV и други ТВ услуги), во првите шест месеци од 2020 година МКТ ја зацврстува својата позиција со база од над 138 илјади претплатници, стои во соопштението.

Главен приоритет на „Македонски Телеком” со појавата на Ковид-19 пандемијата, дополнуваат, беше да обезбеди непречено поврзување на корисниците преку квалитетна и стабилна мрежа во услови на огромна побарувачка за интернет.

– Досегашните преземени активности во изминативе шест месеци од годината подразбираат континуирани и дополнителни инвестиции за зајакнување на капацитетот на мрежата, со цел истовремено да се задоволат зголемените дигитални потреби на корисниците и да се излезе во пресрет на потребите и интересите на сите чинители во општеството. Покрај тоа, обезбедивме и дополнителни вредности, понуди и содржини без надоместоци за корисниците, а како одговорна компанија бевме партнер во проекти со кои општеството полесно ќе се справи со ефектите од пандемијата. „Македонски Телеком” и понатаму останува посветен да обезбеди непречена комуникација и поврзување на граѓаните, давајќи свој личен придонес за доброто на сите, наведуваат од „Македонски Телеком”.

Треба да знаете
Последни објави