Search

Македонските тимови ги добија можните противници во Конференциската лига

Македонските места во евро-куповите се распределени. Шкупи како првак ќе оди во квалификациите за Лигата на шампионите, а веќе од претходно беа познати можните противници на чаирчани.

Шкендија и Академија Пандев како второ и третопласирани тимови патуваат во првото коло на Конференциската лига на УЕФА, додека во истото натпреварување ама во втората рунда ќе стартува Македонија Ѓорче Петров како освојувач на Купот.

Носител во првата рунда ќе биде екипата на Шкендија, па најсилни можни ривали би можеле да ѝ бидат Борац Бања Лука (БиХ), Интер Турку (Финска), Тре Фиори (Сан Марино), КР Рејкјавик (Исланд)… Од друга страна, со најлош УЕФА коефициент котираат црногорските Дечиќ и Искра, Санта Колома (Андора), Бруно (Гибралтар), Њутаун (Велс), Хамрун (Малта) и Дила Гори (Грузија).

Академија Пандев пак не е носител и може да добие посериозен противник. Со најдобар коефициент и единствена над Шкендија е Флора од Естонија, додека има тимови како Рига (Летонија), Алашкерт (Ерменија), Олимпија (Словенија), Купс (Финска), Будуќност (Црна Гора), а за најповолни се сметаат полските Легиа и Погон, како и Крусејдерс (Ирска), Сент Јозеф (Гибралтар), Тре Пене (Сан Марино), Бала Таун (Велс).

Директно во втората квалификациска рунда влезе Македонија Ѓорче Петров и ќе биде неносител во ждрепката. Поради тоа, „лавовите“ може да налетаат на сериозни европски екипи како Базел, Славија Прага, Јанг Бојс, ПАОК, Истанбул Башакшекир, Макаби Тел Авив, Астана, Молде, Апоел, ФЦСБ, Бате Борисов, Ријека, Антверп…

Во ждрепката не може да се судрат македонските екипи меѓу себе. Доколку Шкендија ја име првата рунда, пак ќе биде носител, а „пандевци“ одново ги очекува подредена улога и силен можен противник исто како Македонија Ѓорче Петров.

Треба да знаете
Последни објави