Search

Македонските вина можат да се промовираат во Хрватска, надминат е проблемот за пласман на пазарот

Македонските вина ќе можат да се промовираат во Хрватска со нивните географски називи. Проблемот со пласманот кој неодамна се појави поради спорните  одредбите од новиот Закон за вино на Република Хрватска, кои имаа рестриктивен карактер кон вината со потекло од Република Северна Македонија, преку комуникација со хрватските власти, успешно е надминат.

Имено, овие одредби не беа во согласност со Регулативата 1308/2013 која е облигаторна за Хрватска, како земја членка на ЕУ, ниту со Дополнителниот Протокол за вино помеѓу РСМ и ЕУ, како основен документ кој целосно ги регулира односите меѓу РСМ и ЕУ од аспект на виното.  Во решавањето и надминувањето на проблемот учествуваа и претставници на Европската Комисија.

Најзасегнати од овој проблем беа винарските визби кои извезуваат вино во Република Хрватска. Имено, на истите им беше забрането во било која форма да го рекламираат и промовираат виното од РС Македонија се географските називи на истото. Ваквите рестрикции ќе предизвикаа намалување на продажбата во маркетите, кои постоеше реална опасност да престанат да го набавуваат македонското вино.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, изминатиот период имаше интензивни работни средби со амбасадорката на Република Хрватска во РСМ, Данијела Баришиќ, а беше испратено и писмо до хрватскиот министер за земјоделство Томислав Толушиќ.  Сега, вината со потекло од Република Северна Македонија ќе можат да се рекламираат и промовираат во Република Хрватска. Ова е од големо значeње за винарските визби, бидејќи Хрватска е втора извозна дестинација за вино во шише од Македонија.

Со брзо надминување на проблемот винарските визби повторно го нормализираа своето работење, односно продажбата на вина на  пазарот во Хрватска, пред почетокот на летната туристичка сезона кога има и најголема побарувачка за вино.

Треба да знаете
Последни објави