Search

Македонија се координира со соседите и ќе ги отвори границите најверојатно на 15 јуни

Во моментов правиме координација на ниво на околните земји, во секојдневна комуникација сме со Албанија, Грција и Бугарија во однос на тоа како ќе се одвива отворањето на границите. Еден од предлозите е од следната недела да се отвори патувањето за членови на фамилија или од службен, економски интерес, во рамките на овие земји, а понатаму во периодот кој следи, по 15 јуни, границите и целосно да се отворат, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Во тек е, вели Филипче, дискусија за тоа дали е потребно да има тестирања на лицата кои ќе патуваат преку граница.

– Многу веројатно дека нема да се бараат тестови заради тоа што не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност. Претставува некаква сигурност ако е во комбинација со домашната изолација или карантините. Но, имајќи предвид дека ако се отворат границите и голем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да биде само меѓу луѓето во регионот и нема да бидат посети од една во друга земја, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла, рече Филипче во емисијата Топ тема.

Во однос на изборите, Филипче вели дека во ниту еден момент тие не биле земени како предмет врз основа на кој се анализирале бројките или се правеле калкулации или се предложувале мерки.

– Впрочем и сега во ниту еден момент не беше побарано од Комисијата за заразни болести да каже дали треба или не треба да има избори, туку беше побаран стручен протокол како ако се одржат изборите тие треба да се спроведат и ние тоа го направивме, истакна министерот.

Треба да знаете
Последни објави