Search

Мадуро: Подготвен сум да разговарам со опозицијата

Актуелниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро изјави за руската државна агенција РИА дека е подготвен да разговара со опозицијата. Меѓутоа, на тие разговори, како што рече, ќе се согласи само со независно меѓународно учество.

-Подготвен сум да седнам на преговарачка маса со опозицијата и да разговарам за доброто на Венецуела, нејзиниот мир и нејзината иднина, рече Мадуро за РИА.

Собранието на Венецуела синоќа усвои закон за „демократска транзиција” и обнова на уставот.

-Законот со кој ќе се обезбеди транзиција кон демократијата и обнова на уставот на Боливарската Република Венецуела е едногласно усвоен во прво читање, напиша опозицискиот лидер и претседател на Парламентот, Хуан Гуаидо на Твитер.

Венецуела е во нова политичка криза откако Гуаидо пред една недела се прогласи за привремен претседател на државата. Мадуро, откако повеќе европски и јужномерикански држави го поддржаа Гуаидо, порача дека тоа е обид за државен удар во режија на САД.

Мадуро претходно во интервју за „Спутник“ изјави дека активностите на Хуан Гуаидо одат во насока на државен удар во Венецуела.

-Колку што знам, засега нема налог за апсење на Гуаидо. Да почекаме да завршат внатрешните уставни и судски процеси за да ги видиме резултатите. Нема да брзаме, ќе чекаме, рече Мадуро.

Според Мадуро, овој проблем е уставно прашање на правдата во Венецуела.

Треба да знаете
Последни објави