Search

Лукаревска: Сакам да гледам напред, ние сме во политички натпревар на идеи и решенија, не сме и не треба да бидеме во гладијаторска арена

Ова е време кога се потребни силни, брзи одлуки, но одлуку донесени со многу знаење, со институционална соработка и секкао со многу работа.  Владата предводена од СДСМ го направи токму тоа, носејќи навремено  економски мерки откако беше прогласена глобална пандемија од Covid-19.  Тие мерки веќе даваат  видливи резултати- вели за 24 инфо Сања Лукаревска, актуелната директорка на Управата за јавни приходи.

Македонија е на праг на избори. Ќе бидете дел од Влада која ќе раководи со државава во еден многу тежок период во корана криза. Имате ли план како ке се изборите  со предизвиците кои ги носи?

Исклучително важно беше да се поддржат тие кои се најпогодени од економската здравствена  криза.  Ги поддржавме фирмите финансиски на два начина, односно, со исплата на минимална плата за месеците април, мај и јуни, како и субвенционирање на придонеси најмногу до 50 отсто.  Во оваа криза Владата предводена од СДСМ препозна можност за брза трансформација на македонската економија, за развојна економија којашто ќе продолжиме да ја развиваме во наредниот мандат. Важно ни беше и се уште е, да се помогне на секој еден граѓанин, а со тоа да се поддржи и нашата економија. Донесовме мерка за платежни картички за купување на домашни производи со кои истовремено им помагаме на граѓаните, но и го поттикнувамеи поддржуваме  домашното производство. Со четвртиот сет на мерки, овие картички може да ги користат и невработени кои не се пријавуваат секој месец во Агенцијата за вработување, како и пензионери на кои пензијата им е пониска од 15 000 денари. Обезбедивме и платежни картички за туризам, со кои ги помагаме најпогодените дејности од коронакризата, угостителите и туризмот. Истовремено на граѓаните им овозможуваме одмор на наша, домашна туристичка дестинации. Во следниот мандат  предвидуваме поддршка за домашни и странски инвестиции од 600 милиони евра. До крајот на кризата се обврзуваме минималната плата да ја задржиме на 14.500 денари, а по завршувањето СДСМ ќе обезбеди раст до 40 % до крајот на мандатот. Просечната плата до крајот на мандатот ќе порасне до 30 %. Ќе растат и пензиите, а најниските пензии ќе се покачат за 21 % до крајот на мандатот. Новата развојна економија ќе отвори нови работни места и во новиот мандат ќе ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4 %. Покажавме дека може, а во наредниот период ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро.

-Носител на листа сте во втората изборна единица заедно со Оливер Спасовски. Против кандидат Ви е Владо Мисајловски. Кој е вашата предност и се надевате ли (сепак )на победа?

 Долго сум дел од партијата која донесе позитивни промени во државата после 11 годишното владеење на ВМРО ДППМНЕ, време кога се случи драстично уназадување на државата во секоја смисла на зборот, од секој аспект, во секој сектор. Целосна ерозија на системот. И верувам дека на граѓаните им е доста од стравувања дали утре можеби ќе се случи војна или дали ќе слушнат за нови тепачки во автобус. Граѓаните сакаат решенија за нивните реални проблеми и тоа го прави СДСМ во изиминатите три години. Граѓаните сакаат да слушаат идеи и реализирани проекти кои градат светла иднина, во која нивните деца и тие остануваат дома, тука работат, тука градат семејства и тука се задоволни и среќни. Во оваа кампања и така влегувам, како носителка на листата за пратеници од ИЕ2 и сакам да зборувам за она што го правиме сега и за она што ќе го направиме во следните четири години, да гледам напред, не назад, немаме време за губење.  Како млад политичар верувам дека можеме да ги промениме работите и во културата на комуникација во политиката. Ние сме во политички натпревар на идеи и решенија, не сме и не треба да бидеме во гладијаторска арена, затоа што негативната енергија се пренесува и на граѓаните, на младите луѓе. Сите граѓани ни се потребни, со нивната творечка енергија и капацитет. Социјал демократскиот сојуз никогаш не била деструктивна партија. И во оваа кампања разговараме со граѓаните, ги слушаме нивните потребите и нудиме квалитетни и брзи решенија. ФЕР и политички коректно е да им оставиме простор без негативни емоции граѓаните да го направат вистинскиот избор. СДСМ за овие три години покажа дека црната кампања, треба и мора да заврши. Граѓаните заслужуваат подобро. Кампањата е во тек и јас само ќе посакам “фер плеј”  со чесност, искреност и реални понуди да ја побараме довербата од граѓаните.

-ДУИ отворено повикува на обединување на албанските гласови и постојано кажува дека е време за Албанец премиер. Ваше мислење за оваа состојба и има ли план за евентуална коалиција повторно со ДУИ?

 Изборната единица на којашто сум носител е всушноста нашата земја во мало. Досега во склоп на кампањата, бев во Арачиново и околината, во Липковско, во Шуто Оризари, Старо Нагоричане…Верувајте, на граѓаните им е буквално преку глава од национал-популистички реторики. Сите заедно се соочуваат со исти проблеми, посакуваат исти работи и очекуваат државата да им обезбеди услови, да креаира амбиент во којшто ќе има шанса за напредок за сите. Сакаат платите и пензиите да им се зголемат. Сакаат работни места за децата и внуците да растат покрај нив, младите сакаат шанса да отворат бизнис во својата родна земја. Тоа го сакаат и Македонци и Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци…сите. Време е да зборуваме за решенија, да ги понудиме и да ги реализираме. Тоа сакаат граѓаните.

-Долго сте во Управата за јавни приходи. Донесовте многу новитети откако сте на чело на оваа институција. Што е следно ако се знае дека ќе бидете дел од влада која треба да се формира во могу тежок економски и политички период, следуваат преговори со ЕУ?

Периодов евидентни се резултати од успешната работа изминатите три години. Утврдена е преговорачката рамка, со што македонската интергација се забрзува и со сигурност знаеме дека одиме во ЕУ.  Ние го живееме сонот на многу генерации. Станавме членка на НАТО, со што ја осигуравме безбедноста на државата, но и економскиот развој. Од изолирана, сиромашна земја, честопати на раб на конфликти и внатрешни немири, ние сега сме земја којашто зборува за напредок, за повисоки плати и пензии, за екологија, за старт ап држава…Ние сме држава којашто на граѓаните им обезбедува услови и живот какви што треба да се во 21 век и како земја наскоро членка на ЕУ.  УЈП две години е максимално посветена на дигиталните процеси, кои пред се’ обезбедуваат објективен и еднаков пристап кон сите даночни обврзници. Управата се дигитализираше целосно и денес граѓаните нема потреба да чекаат во долги редови пред шалтерите за да потполнат Годишна даночна пријава, тој процес се одвива електронски. Во функција ставивме системи, со што човечкиот фактор е целосно изземен и се обезбедува неселективност при контролите кај даночни обврзници, како и систем кој обезбедува навремен поврат на ДДВ кај компаниите.  И мора да признаам дека ова не се случуваше во нималку лесен период. Откако СДСМ ја презема одговорноста да раководи, секогаш постоеле некакви пречки, но тоа не поколеба ниту еден мој колега и колешка , институциите со кои раководат да ги водат професионално, да ги модернизираат и да ги доближат до ЕУ. Ние токму и затоа бараме нов мандат, за да продолжиме по патот кој го трасиравме и да изградиме држава со задоволни и среќни граѓани, со услови и амбиент за младите иднината да ја градат тука.

На изборните листи овие избори како носители на листи се појавуваат жени во сите изборни единици. Какво е вашето мислење, дали можеби е дојдено време за жена Премиер на Македонија?

СДСМ одамна покажа дека е родовосензитивна партија. Жените раководат со институции за кои најчесто се очекува тоа да бидат мажи. Пример нека биде Управата за јавни приходи,на којашто директорка сум јас, млада жена. Како социјалдемократска партија, имаме одговорност да ги рушиме стереотипите, пред се затоа што се залагаме за еднакво право на сите граѓани, не само по основа на етникум и верска припадност, туку и по родова. Со концептот 50/50, со носители и носителки на листи, сакаме да ги охрабриме и другите партии да го запазат овој модел и жената и во политиоката да го добие истото право како и мажот.  На прашањето дали е време за жена премиерка, секако дека е, но ќе кажам дека пред се’ , секогаш е време за претседател/ка на Влада кој/а ќе работи во интерес на граѓаните и на државата. Во изминатите години претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги започна реформите кои и’ гарантираат напредок на нашата држава и сметам дека и во наредните 4 години треба да си ја доврши таа работа заедно со неговиот тим.

– Одите ли на предизборни средби, како ја поминавте короната со оглед дека имавте позитивен тест, имавте ли симптоми?

Кампањата на коалицијата “Можеме” е согласно сите протоколи за заштита и е здравствено безбедна. Одредено време после мојот втор негативен тест, започнав средби со граѓани, секако во ограничен број. Сакам да потенцирам дека вирусот го поминав без никако симптом типичен за Covid-19, а бев во групата на многу слаби преносители. Ниту едено од лицата кои имале контакт со мене и беа наведени во епидемиолошката листа, не беа заразени. Ќе ја искористам оваа можност да упатам и еден апел до сите граѓани, посебно до младите. Вирусот постои и тој е закана за секој еден од нас. Мора да се однесуваме одговорно, да ги почитуваме мерките и да носиме заштитна опрема, маски , редовна дезинфекција и дистанца. Најсилното оружје против овој вирус е нашата свест, а ќе кажам и совест. Затоа и на денот на изборите, на 15 јули, ги охрабрувам граѓаните да го искористат своето право на глас, но со маска на лицето над носот, со дезинфекција пред гласањето на лице место и по гласањето при излегувањето надвор. И секако со држење на потребната дистанца.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави