Search

Лошо второ полувреме за пораз на Македонија во Киев

Македонската кошаркарска репрезентација ги претрпе и вториот пораз по ред во ноемврискиот циклус од квалификациите за СП 2023 и тоа на вечерашното гостување кај Украина (61-78), можеби најголемиот конкурент во борбата за избегнување на последното место во групата, кое единствено не води во следната фаза.

Не боли само поразот, туку и начинот на кој жолто-црвените дозволија во второто полувреме да го расипат одличниот впечаток и му дозволија на домаќинот да дојде до поубедлива победа од заслуженото. Ваквото опуштање на крајот би можело и скапо да нѐ чини, со оглед што нема да биде изненадувачки ако на крајот патникот во втората рунда би можел да го одличи кош-разликата во меѓусебните дуели.

Избраниците на селекторот Драган Бајиќ одиграа одлично во првото полувреме, во кое речиси постојано беа во водство, на моменти и со плус осум поени разлика (31-23). Нашиот отпор траеше некаде до средината на третиот период, кога Украинците почнаа да погодуваат од далечина и направија резултатски пресврт. Домаќинот нѐ „дотепа“ во последната четвртина, кога со серија 17-4 дојде до огромни плус 15 (69-54) со што стави крај на нашите надежи.

Бојан Крстевски со 14 поени (4/6 за тројка) беше најпрецизен во македонскиот состав, Џејкоб Вајли дополни со 12 поени и девет скока, додека двоцифрен ефект имаше и Адем Мекиќ со 10 поени. Артем Пустовиј со 18 поени беше најпрецизен кај Украина.

Во петокот, нашите кошаркари загубија дома од Шпанија (65-94), што значи дека ноемврискиот циклус ќе го завршат на последното место во групата како единствени со два порази. Следниот предизвик нѐ очекува во февруари следната година, кога двапати ќе играме со Грузија и тоа прво дома (24 февруари), а три дена подоцна и на гости.

Треба да знаете
Последни објави