Search

Лондон одобри прoслава на денот на брегзит

Прославата на „Денот на брегзит“ во центарот на Лондон, испланирана за 31 јануари од страна на водечкиот британски евроскептик, Најџел Фараж, доби одобрение од градските власти.

„Организацијата Leave Means Leave доби зелено светло за да биде домаќин на настан на плоштадот пред Парламентот на 31 јануари. Одлична вест“, напиша Фараж на својот профил на „Твитер“.

„Leave Means Leave“ (Заминување значи заминување) еволуираше како кампања која се залагаше за излез на Велика Британија од Европската унија, предводена од Фараж пред референдумот во 2016 година, на кој 52 проценти од Британците решија нивната земја да ја напушти Европската унија.

„Ова е одличен момент во историјата на нацијата кој треба да се прослави“, напиша Фараж.

Ричард Тис, лидер на партијата „Брегзит“ што ја основа Фараж по референдумот, откри дека организаторите и натаму работат на вклучување на Биг Бен и огномет во прославата за британскиот излез од Унијата.

Фараж претходно најави дека околу 10.000 луѓе ќе бидат поканети на настанот.

Конзервативниот премиер Борис Џонсон, кој во 2016 година исто така заговараше за брегзит, во вторникот на Би-би-си ги повика граѓаните да донираат за Биг Бен на 31 јануари во 23 часот по локално време да заѕвони во чест на британскиот излез.

Познатиот лондонски часовник се нема огласено од 2017 година и во моментов се реновира, а за работите да се стават во мирување и тој да се огласи потребно е да се соберат околу 500.000 фунти. Сепак, досега се собрани само 150.000 фунти, пренесоа британските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави