Search

Лондон загрижен поради последните случувања во Собранието на Косово

Амбасадата на Велика Британија во Приштина денеска изрази загриженост поради последните случувања во Собранието на Косово, во врска со прикажувањето на слика од наводно силување на жена од страна на тројца мажи во униформи, за која пратеничката Фљора Бровина тврдеше дека е доказ за воените злосторства на Србија во последната војна во Косово.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, британската Амбасада преку својот Твитер порача дека тешките злосторства треба да се истражат од страна на надлежните институции.

– Вознемирени сме од последните случувања во Собранието неделава. Битно е тврдењата за тешки злосторства за време на конфликтот да се истражат од надлежните институции, пред се давајќи ѝ предност на правдата и поддршката на преживеаните, жртвите и семејствата, според владеењето на правото, а не на политичкиот опортунизам, порача британската Амбасада.

Бровина, која е пратеничка на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) во четвртокот ја покажа јавно сликата од наводното силување во текот на собраниската расправа за основање комисија за меѓународен трибунал за српските воени злосторства во 1998-99 година во Косово.

Косовските медиуми објавија дека фотографијата не е автентична и дека станува збор за сцена од порнографски филм, што некои ирачки интернет медиуми го користат за пропаганда против присуството на американските војници во нивната земја.

Самото објавување на сликата, а подоцна и информацијата дека таа не автентична, предизвика бурни реакции во косовската јавност, со обвинувања на сметка на ПДК и нејзиниот лидер, парламентарниот спикер Кадри Весели, за манипулации и злоупотреби на воените жртви заради партиски профитирања.

Утредента Бровина беше повикана во Специјалното обвинителство на Косово на распит во врска со нејзините наводи, по што пред медиумите таа изјави дека фотографијата „веројатно не е автентична” и побара извинување затоа што, како што рече, не ја верификувала на време нејзината веродостојност.

Треба да знаете
Последни објави