Search

Лимај: Белград нема да ги одредува преговарачите на косовската страна

Косовскиот вицепремиер Фатмир Лимај му порача на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ дека ниту тој, ниту било кој друг не може да одредува кој ќе биде преговарач од косовска страна во преговорите со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Шефот на српската дипломатија вчера, на седницата на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации, на која се расправаше за Косово, побара Лимај да не го предводи косовскиот владин тим за преговорите со Србија кои се одвиваат под покровителство на Европската унија во Брисел.

Лимај во изјава за КосоваПрес рече дека Дачиќ, со злоупотребата на присуството во СБ уште еднаш ја покажа „хипокризијата на српската политика” и несериозноста и неискреноста во однос на дијалогот.

– Како прво, ниту Дачиќ ниту било кој друг не може да му одредува на Косово кој ќе преговара во дијалогот и тенденцијата за мешање во тоа кој ќе преговара е доказ дека тие не се сериозни во темите за кои зборуваат секаде каде што одат, дека божем се за дијалог и мировен договор. Како второ, тоа е лицемерие поради фактот дека токму местото од каде што се обрати Дачиќ е тоа кое го формира Кривичниот суд во Хаг, пред кој јас излегов, одговарав и не се криев, како српските злосторници, кои Дачиќ ги издигнува секогаш кога има можност, изјави Лимај.

Тој нагласи дека се соочи со правдата и беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, а „Дачиќ е последниот човек на светот кој може да зборува за тоа, поради фактот дека беше војник на (Слободан) Милошевиќ, на режимот чии генерали беа осудени за воени злосторства од судот формиран од Советот за безбедност”.

Во септември годинава косовската Влада формира тим за преговорите со Србија, предводен од Лимај и во кој се наоѓаат уште неколку членови на Владата, а предвидено е да се вклучат и претставници на опозициските партии во косовското Собрание.

Треба да знаете
Последни објави