Search

Лидер на шведска партија: Вооруженото насилство е екстремно за земја што не е во војна

Лидерот на шведските Модерати, Улф Кристерсон, жестоко го осуди вооруженото насилство во земјата во време кога премиерот Стефан Лефвен вети нови мерки за справување со криминалот на бандите, објави шведскиот радиодифузер СВТ.

Кристерсон реагираше по трите престрелки во текот на викендот во шведскиот главен град Стокхолм, велејќи дека сегашната ситуација во земјата е екстремна за земја што не е во војна.

Матс Лефвинг, шеф на националниот оперативен оддел на полицијата „Ноа“, коментираше за вооруженото насилство оваа година велејќи:

„Развојот на настаните е неприфатлив. Во многу случаи се користи воено автоматско оружје. Гледаме намалување на бројот на повредени при насилствата со огнено оружје, но бројот на убиствата не се намалува”, вели тој.

Досега годинава во регионот на Стокхолм се забележани 11 смртни случаи како резултат на престрелките. Минатата година Шведска забележа рекорден број жртви на вооружено насилство, а шведскиот полициски специјалист Гунар Апелгренј во декември минатата година даде слични коментари на Кристерсон, наведувајќи дека Шведска е како во воена состојба.

Во вторникот министерот за внатрешни работи, Микаел Дамберг, презентираше неколку нови предлози за борба против вооруженото насилство, вклучувајќи построги казни за незаконско поседување експлозивни материи и нови овластувања за царинските службеници да ги блокираат пакетите за кои постои сомневање дека содржат оружје или експлозиви.

Шведскиот национален форензички центар објави претходно годинава дека бројот на фатални престрелки и обиди за убиства низ целата земја се зголемил двојно од 2012 година и дека дел од вината за тоа лежи во достапноста на нелегалното оружје.

Треба да знаете
Последни објави