Search

Лидерите на ЕУ ќе бараат јасна позиција од Лондон за Брегзит

Европските лидери не се откажуваат од обидите да изнајдат решение со Лондон за Брегзит со договор, но нетрпеливоста е видлива кај сите на почетокот на денешниот Самит, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Нема поента да правиме какви било отстапки ако не знаеме што сака другата страна, порача попладнево на литванската претседателка Далија Грибаускаите, пред почетокот на пролетната средба на шефовите на држави или влади на Европската Унија, посветена во најголем дел на британското истапување од ЕУ, кое формално треба да се случи за само осум дена.

Парламентот во Лондон го отфрли Договорот за Брегзит, што Владата на британската премиерка Тереза Меј го постигна со Брисел по две години преговори. Таа сега бара одлагање на рокот за Брегзит до 30 јуни, но не сите се подготвени да отстапат доколку не добијат гаранции дека Лондон ќе го прифати овој договор.

Меј, од своја страна, пред да започне состанокот, повтори дека од колегите ќе бара одлагање до крајот на јуни за да „му се даде време на Парламентот да донесе конечна одлука која ќе ги исполни резултатите од референдумот”.

– Сѐ уште работиме на договор за да можеме да се повлечеме на уреден начин, она што е важно е да препознаеме дека Брегзит е одлука на британскиот народ. Сега сме три години подоцна и време е британскиот Парламент да донесе одлука. Одложувањето ќе ни ја даде таа можност, рече британската премиерка.

Но, некои од европските лидери почнуваат да губат трпение. Луксембуршкиот премиер Гзавие Бетел побара „Британците да кажат што сакаат”. – Знаеме што никој не сака, но не знаеме што сакаат, изјави Бетел, алудирајќи, меѓу другото, на ставот на претседателот на британскиот Парламент дека не може да има трето гласање за Договорот за Брегзит.

Доколку Договорот не биде усвоен, Британците ќе ја напуштат Унијата во услови на таканаречен „Брегзит без договор”, кој станува сѐ поизвесна опција со оглед на неможноста на Меј да обезбеди мнозинство и да го протурка компромисот во Парламентот.

– Ова е британска политичка криза. Тие не успеваат да изнајдат мнозинство и нема да има одложување за да се преговара повторно договорот за истапување. Нема да има одлагање ако нема мандат за преговори за идното партнерство, предупреди попладнево францускиот претседател Емануел Макрон.

ЕУ цврсто стои на ставот дека не може да се преговара за договор за идното трговско партнерство меѓу двете страни, сѐ додека не биде прифатен Договорот за Брегзит.

Повеќето лидери порачаа и дека не се отворени за пролонгирање на Брегзит до крајот на јуни како што бара Меј, иако некои од нив се подготвени да го омекнат ставот, доколку добијат гаранции дека нема да се загрози институционалниот интегритет на Европскиот парламент.

Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 23 до 26 мај и лидерите на ЕУ би сакале Лондон да не биде дел од ЕУ до тогаш, за да не учествува во изборниот процес. – Потребни се и потемелни анализи од правните служби на сите институции за тоа дали е изводливо останувањето во ЕУ по датумот на изборите, истакна Макрон.

Според белгискиот премиер Шарл Мишел, 30 јуни е лош датум поради изборите.

– Имаме правни дебати за валидноста на датумот. Доста е од овој хаос. Време е Британците да бидат јасни – ако има Брегзит без договор сите ќе треба да ги сносиме последиците. Тоа можеме да го избегнеме, но топката е во нивните раце и потребен е покус временски рок за да не се загрозат одлуките на Европскиот парламент. Сметам дека 22 мај е подобар датум од 30 јуни, изјави Мишел.

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер најави дека лидерите на ЕУ се подготвени да свикаат нов вонреден самит идната недела на оваа тема, доколку тоа биде потребно.

Треба да знаете
Последни објави