Search

Ливерпул на продажба за над 2 милијарди долари, сопствениците негираат

Англискиот фудбалски гигант „Ливерпул“ набргу може да се најде на пазарот откако американскиот сопственик, милијардерот Џон Хенри, најавил дека е подготвен да ја предаде контролата на клубот од „Енфилд“, пишува „Њујорк Пост“.

Според весникот, Хенри, кој исто така е сопственик на бејзбол-тимот „Бостон ред сокс“ е во процес на пасивна продажба на клубот, што значи дека е отворен за понуди што ќе ја надминат сумата од 2 милијарди долари.
Сепак, сопствениците на „Ливерпул“ од „Фенвеј спорт груп” ја негираа веста дека биле подготвени да го продадат клубот.

„Во име на сопствениците ги дефинирам овие информации како неоправдани шпекулации. И уште еднаш ќе повторам: овој клуб не се продава, изјави портпаролот на клубот за „Ливерпул Ехо”.

„Ливерпул“ јавно постојано тврди дека не е на продажба, а сумата од 2 милијарди долари се гледа како прениска за клуб со ваква традиција. На „Енфилд“ би биле пресреќни да влезат инвестиции во клубот, но под контрола на Групацијата Фенвеј спортс .

Хенри(69) честопати е виден на „Енфилд“ во осумте години од кога го купи клубот за 366 милиони фунти, а беше и на финалето на Лигата на шампионите, во кое неговиот клуб загуби од „Реал Мадрид“.

Оваа вест доаѓа неколку месеци откако британските медиуми тврдеа дека братучедот на сопственикот на „Манчестер Сити“, шеикот Мансур, дал понуда од 2 милијарди фунти, но бил одбиен. Шеикот Халед бин Заед ал-Нехајам, член на кралското семејство на Абу Даби, можеби не го поседува богатството на Мансур, но е еден од најуспешните бизнисмени во Обединетите Арапски Емирати.

Шпекулациите за продажба на „Ливерпул“ исто така доаѓаат по многубројните најави дека и „Челси“ е на пазарот откако рускиот милијардер Роман Абрамович не успеа да добие британска виза.

Треба да знаете
Последни објави