Search

Ле Дриан: За прв пат имам чувство дека Европа повторно ја владее ситуацијата

Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив Ле Дриан, по завршувањето на министерскиот совет за надворешни работи на ЕУ, денеска изрази задоволство што ЕУ успеа да покаже единство на планот на надворешната политика, посебно за кризата во Либија.

Прекинот на огнот и ембаргото врз оружјето во Либија беа една од главните теми на министерскиот состанок.

-Сакам да споделам едно чувство: за прв пат, за време еден ваков состанок имам чувство дека Европа повторно владее со ситуацијата и сакам да изразам задоволство поради тоа. Повторно владее со ситуацијата затоа што, во однос на либиската криза, министрите за надворешни работи денеска изразија волја да го придружат договорот постигнат вчера во Берлин, тој посебно помага за да може, се надеваме, да се воспостави прекин на огнот и да се контролира ембаргото, рече Ле Дриан.

Шефот на француската дипломатија истакна дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Џосеп Борел, добил мандат од министрите да го набљудува почитувањето на ембаргото и на прекинот на огнот во Либија.

Ле Дриан порача дека ЕУ покажала единство и околу прашањето за Сахел, каде се распоредени француски воени трупи, со помош на други европски земји, договор постигнат минатата недела на средба организирана од страна на францускиот претседател.

-Околу пладне беше соопштена веста за морската мисија на ЕУ во Голфот, ова е исто така знак дека ЕУ се враќа и во разните кризите со кои се соочува светот и кои се опасни, Европа сега не само што е гласна туку и покажува дека е способна да делува, рече Ле Дриан.

Треба да знаете
Последни објави