Search

Летови од Скопје до Баден-Баден и Бремен два пат неделно

Со првиот лет на авиокомпанијата „Виз ер” од меѓународниот аеродром „Скопје” до германски Баден-Баден денеска официјално беше одбележано воведувањето на две нови дестинации од скопскиот аеродром.

До Баден-Баден ќе се патува два пати неделно, секој вторник и сабота, а покрај оваа дестинација од скопскиот аеродром двапати неделно, во среда и недела, ќе има лет и до Бремен. Првиот лет од Бремен е планиран за утре кога во 11:50 часот се очекува да слета авион на скопскиот аеродром.

Со воведувањето на двете нови дестинации, скопскиот аеродром сега е директно поврзан со 39 дестинации на кои оперираат 13 авиокомпании.

– Со додавањето на Баден-Баден и Бремен, бројот на дестинации до Германија станува 10, додека вкупниот број на дестинации од скопскиот аеродром е 39. Со отворањето на новите рути, „Виз ер” исто така ќе го базира својот петти авион во базата на скопскиот аеродром покажувајќи ја нивната посветеност на постојани инвестиции во нивната база во Скопје, истакна Неџат Курт, координатор на аеродромите во ТАВ Македонија на свеченоста по повод воведувањето на новите дестинации.

Двете нови авиолинии од скопскиот аеродром, како и новите авиолинии од охридскиот аеродром се дел од договорот за финансиска поддршка што Владата го потпиша со авиокомпанијата „Виз ер”.

– Верувам дека вака поставените политики ќе ги оправда плановите на министерството, а тоа се воспоставување на нови дестинации за граѓаните, како и зголемување на бројот на туристи. Тоа што сакаме да го потенцирам е фактот дека имаме континуиран раст на бројот на патници. Очекувам таа бројка годинава да достигне над два милиони што дополнително не охрабрува да размислуваме дека капацитетите на двата аеродрома се неискористени, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, најавувајќи дека во следниот период ќе работат на привлечување на што повеќе авиокомпании.

Во текот на јануари и февруари вкупно 305.246 патници патувале преку двата аеродроми во државата што претставува пораст од седум проценти. Минатата година на двата аеродроми биле опслужени 2,3 милиони патници што претставува годишен пораст од 16 проценти.

Треба да знаете
Последни објави