Search

Лекарка со иницијатива за враќање во ФЗОМ на парите кои им се ветени за вакцинирани пациенти: Мерката го гази нашето достоинство

Д-р Марија Михајлова покрена иницијатива за враќање во Фондот за здравство на парите кои им се ветени на матичните лекари кои ќе имаат над 70 отсто вакцинирани пациенти, бидејќи, како што вели овие пари треба да се искористат за лекување на пациенти во странство, додавајќи дека ќе бараат доказ дека парите завршиле на вистинско место, објави „ССлободен печат“.

-Наместо поддршка, најавените 30 денари по пациент за докторите се понижување и девалвирање на трудот. Како тим, немаме намера да ги принудуваме пациентите на вакцинација, а не ни требаат пари за да посочиме дека имунизацијата е важна и неопходна за секој кој сака да се заштити од коронавирусот. Патем, тоа сме го правеле и досега, бидејќи е наша одговорност. И затоа, бараме средствата наменети за ПЗУ СЕМЕД Д-р Марија Михајлова да бидат трансферирани во Фондот за здравствено осигурување, на сметката наменета за помош при лекувања во странство на наши сограѓани. За тоа, бараме да ни се достави доказ, дека завршиле на вистинско место.
Со оваа мерка, се погази достоинството на докторите. Со денови слушаме од пациенти кои велат: „Ајде докторке ние сме вакцинирани ќе земете 30 денари“. Можеби некој од нив и на шега, но е голем удар за нас како медицинари. Никој не нѐ праша дали се сложуваме со ваква мерка, а ако нѐ прашал одговорот ќе бил – не. Затоа што не ни треба стимулација за да си ја работиме работата, туку вреднување на нашиот труд. Ако веќе некој помислил на нас и кажува дека матичните доктори го носат најголемиот товар, да потсетиме дека пет години поминаа откако беше најавено дека капитациониот бод ќе биде високо вреднуван, заедно со услугите кои ги даваме. Ова не се оствари, а ние уште чекаме. И во пандемијата имавме тешкотии, а не добивме ниту една маска или ракавица кога цените нагло пораснаа, а на пазарот беа речиси недостапни за купување. Ги повикуваме и останатите колеги да размислат и да ги донираат средствата во Фондот за здравствено осигурување. Нас нема ништо да ни сменат, но ние можеме да смениме нечиј живот. Бидејќи нашиот труд, професионалност и одговорност не треба никој да ја стимулира, туку да ја вреднува, напиша Михајлова на Фејсбук.

Треба да знаете
Последни објави