Search

Левица за обвинувањата од „Хелиум”: Оправдување на брутално насилство и криминал со ширење манипулации

Демант од Левица на вчерашните обвинувања против членови на партијата од сопственикот на кафе-барот „Хелиум” во Ново Лисиче.

Последните случувања во Општина Аеродром го разобличија владеењето на градоначалникот Муцунски, каде неговите гласноговорници шират лаги и невистини во одбрана на брутално насилство на газдата на кафулето „Хелиум”.
Како во времето на владеењето на Мијалков, сведоци сме на манипулирање со јавноста за измислен рекет и брутално насилство врз лице кое побара инспекциските служби да постапат во интерес на граѓаните.

Во објавеното видео кое го пренесоа дел од медиумите, лага е дека лицето кое наводно го демолира кафичот е советник на Левица и ова е општо познат факт.

Дополнително, сопственикот Бобан Несторовски свесно ги избришал деловите каде повеќе лица, без никаква провокација, ги напаѓаат членовите на Левица и брутално ги претепуваат. За сето ова постои медицинска документација и изјави од сведоци, за што против Бобан Несторовски ќе биде поднесена и приватна тужба.

Во интерес на вистината, објавуваме дека заканите кон советникот Дарко Масларковски од Несторовски започнаа кога на советнички прашања, Масларковски пренесе дека жителите се жалат за узурпацијата на јавен простор од повеќе кафулиња (меѓу кои е и кафулето “Хелиум”). Веднаш потоа, советниците од Левица беа контактирани од станарите на зградата каде се наоѓа овој локал, кои доставија и документација дека, иако постои очигледно самоволие и узурпација на јавен простор, институцииите одбиваат да постапат.

Доказ за тоа е петицијата против отворањето на локалот, потпишана од сите станари на зградата, која јавно ја објавуваме. За оваа петиција, еден од станарите и неговата ќерка беа физички нападнати од Бобан Несторовски. Дополнително, објавуваме и архивско бројче од поднесеното барање до Општина Аеродром од страна на станарите на зградата – за кое до ден-денес немаат добиено одговор.

Спротивно на законот, Несторовски поставил масички на земјиште со намена Д1 (Парковско зеленило) што претставува еклатантна узурпација на јавниот простор.

Дополнително, застаклените настрешници спаѓаат во времени објекти, за кои согласно со Член 79 од Законот за градење се спроведува постапка за краткотраен закуп на градежното земјиште, опфатено во програмата на општините и Градот Скопје. Застаклената тераса на “Хелиум” е поставена на зелена површина која не може да биде дел од програмата на општината или Градот, а со тоа не може ни привремено да ја закупи.

Дека се работи за типични обиди за заплашување, како во времето на Мијалковизмот, говорат и заканите кон советникот на Левица, објавени на инстаграм профилот на сопственикот Бобан Несторовски.

Овие закани јавно ги обелоденуваме, а истите се објавени еден ден пред да бидат нападнати членовите на Левица, што упатува на смислено сценарио за обид за заплашување. Самиот инцидент започна кога Бобан Несторовски на Градскиот стадион физички го нападнал советникот Дарко Масларковски, со закана никогаш повеќе да не го спомнува неговото кафуле. Ова кулминираше потоа со брутално насилство во кафулето „Хелиум”.

Левица ќе продолжи да се бори институционално и вонинституционално за заштита на јавниот интерес, a против сите насилници тесно поврзани со политичките елити и органите на прогонот, кои сметаат дека можат несанкционирано да узурпираат јавен простор и да го нарушуваат јавниот ред и мир.

Треба да знаете
Последни објави