Search

ЛДП избра нови потпретседатели, промовираше и партиски слоган

Моника Зајкова, Зоран Шапуриќ, Игор Вељаноски и Јулиана Николова се новите потпретседатели изгласани на четвртата седница на централниот одбор на Либерално демократската партија (ЛДП). Партијата ја утврди агендата за дејствување во наредниот период и го промовираше слоганот под кој ќе настапува, „Размислувај различно, либерално кон Европа“.

Потпретседателите, кои беа едногласно избрани, пред членовите ги презентираа нивните планови и целокупни залагања за партијата и државата. На седницата беа присутни петстотини делегати во партијата кои гласаа и дискутираа за понатамошните активности на ЛДП.

Моника Зајкова

„Сите размислуваме различно, сакаме со граѓаните да сме искрени, да ги потенцираме либералните вредности и исто така активно да ги чуеме нивните мислења преку директните средби и трибините кои ќе ги организираме во 30 градови низ републиката со цел заеднички да го трасираме патот на државата кон Европа“, вели Зајкова.

Од ЛДП за неа велат дека е млада, одговорна и комуникативна. Таа е магистер на правни науки од областа на граѓанско право со просек 10.  Во моментот е посебен советник за прашања од областа на регионалниот развој во кабинетот на Министерот за локална самоуправа, а во својата биографија не треба да се изостави и искуството како соработник во Собранието на Македонија , потоа надворешен советник во Собранието во рамки на Комисија за европски прашања, Законодавно-правна Комисија, Комисија за надворешна политика, Комисија за економски прашања и Национален Совет за европски интеграции. Таа претходно има искуство и како демонстратор по предметите соцологија на право, уставно право и облигационо право на Правниот факултет при ФОН Универзитетот. Зајкова е учесник и во бројни проекти и здруженија како што е Европската женска академија за политичко лидерство и кампања (ЕЊА) во организација на Европскиот либерален форум, учесник на првата и втората генерација на АЛУМНИ  членови во рамки на Либералната политичка академија за млади.

Зоран Шапуриќ

„Секое семејство треба да размислува поинаку, да создава и негува европски вредности. Институциите и компаниите да ја продлабочат соработката од која корист ќе имаат сите граѓани“, додаде Зоран Шапуриќ, старо-новиот потпретседател на партијата.

Тој дипломирал на Правниот факултет, магистрирал и докторирал на УКИМ, стекнувајќи звање доктор по политичко–правни науки. Има положено правосуден и нотарски испит, доцент е, вонреден и редовен професор на Универзитет Американ колеџ во Скопје. Објавил 40 научно истражувачки меѓународни трудови, индексирани во респектабилни меѓународни научни бази, од областа на животна средина и одржлив развој, Европската унија и локалната самоуправа, од кои седум во ”Web of science”, 12 во “Thomson Reuters” и во други меѓународни научни бази.

Во досегашната кариера Шапуриќ бил министер за животна средина и просторно планирање, пратеник во Собранието на Република Македонија, претседател на собраниска комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и член на други собраниски комисии, член на собраниска делегација во Собранието на Западно европска унија и НАТО.

Работел и во Уставниот суд на Македонија како виш стручен соработник, бил помошник генерален директор во МЗТ комерц и заменик на генералниот директор во ЈП „Паркови и зеленило Скопје“.
Добитник на награда за постигања во областа на екологијата и одржлив развој во  регионот од една од најголемите еколошки научни организации во Европа, „БЕНА“, професор на годината на Универзитетот Американ колеџ, Скопје и на многу други награди.

Активен член на ЛДП од нејзинот оосновање без било каков активен или пасивен прекин на членствот од 1997 година; член на Централниот одбор и на Извршниот одбор  потпретседател на ЛДП. Од 2008 до 2011 претседател на одбор за национална безбедност на ЛДП и член на други партиски одбори, комисии и совети. Едукатор во областа на либералната демократија на преку 30 семинари и работилници организирани од ЛДП.

Игор Вељаноски

„На земјата ѝ се потребни млади кои ќе бидат активни и бизнис ориентирани, млади кои ќе размислуваат поинаку, своето знаење и претприемачки дух ќе го претопат во бизнис. Со такви млади ќе се отворат европските пазари и ќе покажеме дека ние сме подготвени да бидеме дел од Европа. За сето ова потребна и поддршка од државата, вели Игор Вељаноски“, потпреседател на ЛДП.

Тој работи како помошник директор за оперативни работи во ЈП “Паркови и зеленило”, магистрант по деловно право, а претходно своето искуство го стекнал во приватниот бизнис сектор. Вељановски е дипломиран социјален работник, бил член на Совет на општина Кисела Вода, а сега е член на Советот на град Скопје.

Јулиана Николова

„Нам ни е потребна сигурна, правична и европска држава во која граѓаните ќе веруваат дека сите заедно функционираме и креаираме транспарентни политики, во духот на либералната демократија“, се изјасни потпреседателката Јулиана Николова.

Таа е пратеник, дипломиран професор по информатика, член на Комисија за европски прашања, Комисија за образование, наука и спорт, заменик – член во Комисија за надворешна политика, Комисија за прашања на изборите и именувањата, претседател на Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентите на балтичките земји Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија, член на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Италија,  Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Полска, како и заемник – претседавач со Интерпартиска парламентарна група за правата на лицата со посебни способности (ИППГ).

Треба да знаете
Последни објави