Search

Лајчак ќе биде специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан

Поранешниот словачки министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, ќе биде назначен за специјален претставник на ЕУ за Западн Балкан, потврди еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, за Радио Слободна Европа.

-Познавајќи го Лајчак и неговите успеси сметам дека е многу добар избор. Ќе може да му помогне на Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, а и мене, да оствариме напредок, рече Вархеји за време на самитот на земјите од Вишеградската група и западниот Балкан во Прага.

Лајчак ќе биде задолжен да помага во односите помеѓу ЕУ и регионот и за рестартирање на дијалогот помеѓу Косово и Србија кој е замрзнат поради воведените косовските царини за увозот на српските производи.

Лајчак е поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Тој во повеќе наврати има изјавено дека ЕУ никогаш нема да биде целина без Западен Балкан. Последен пат во Македонија тој беше како претседавач на ОБСЕ во лани во јуни, кога изјави дека патот до ЕУ е долг, но дека земјава изминала значителна дистанца, при што даде поддршка и охрабрување за реформите. Во јануари годинава изјави дека следните месеци ќе бидат клучни за односите помеѓу Европска Унија и земјите од Западен Балкан и повика на изнаоѓање нов консензус за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, да се подобри политиката на проширување и да се подготви мајскиот Самит на ЕУ и Западен Балкан.

Треба да знаете
Последни објави