Search

Лајонсите од Вардар донираа врати за децата со оштетен вид

По повод Меѓународниот ден на белиот стап – 15 Октомври, членовите на Лајонс клубот Вардар донираа 13 внатрешни врати за учениците во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „ДУРДУМОВ” – Скопје.

„Со оваа активност, членовите на Лајонс клубот Вардар обезбедуваат потопло и попријатно катче за престој на секој наш ученик во ученичкиот дом. Со наши средства, но и со хуманата помош од правни субјекти, ја реализираме нашата мисија. Изразувам огромна благодарност на нашите партнери во доменот на хуманоста и секако, се надевам дека примерот на клубот Вардар ќе го следат и други клубови и организации, за да обезбедиме се што недостасува”, рече Бобан Спасенцовски, директор на државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „ДУРДУМОВ” – Скопје.

За претседателот на Лајонс клубот Вардар, Тодор Стојчевски, оваа активност претставува потврда на мисијата на Лајонсите да СЛУЖАТ секаде каде што е потребно.

„Лајонс клубот „Вардар” перманентно реализира хуманитарни активности и ги помага лицата на кои им е неопходна помош. Во последните 20 години, сме реализирале многу активности за децата со оштетен вид. На овој Меѓународен ден на белиот стап, одлучивме да донираме врати за интернатот каде престојуваат 50-тина дечиња. Навистина, не е хумано децата да престојуваат во несоодветни услови и затоа, како Клуб ја реализираме оваа акција и секако, ќе продолжиме со нашите хуманитарни активности”, вели Стојчевски.

Досега, овој Клуб донирал и тактилна патека за движење во училиштето и во интернатот каде престојуваат деца и младинци со оштетен вид „ДУРДУМОВ” – Скопје.

Треба да знаете
Последни објави