Search

Лани активни биле близу 76000 деловни субјекти, најмногу во трговијата

Во текот на минатата година во земјава имало 75914 активни деловни субјекти, што според објавените податоци на Државниот завод за статистика, тој број бележи раст во однос на претходната година од пет отсто.

Објавените податоци покажуваат дека бројот на активни субјекти најмногу пораснал во секторот  уметност, забава и рекреација 24,9 отсто , односно за 349 субјекти, други услужни дејности 24,4 отсто, односно за 1170 субјекти и во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 20,4 отсто, односно за 38 субјекти. Во 2019 година, во однос на претходната, секторот дејности на здравствена и социјална заштита бележи намалување на бројот на активни деловни субјекти за 3,5 отсто.

Податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2019 година најголемо учество имаат секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли со 30,5 отсто и преработувачка индустрија со 11 отсто. Најмала застапеност имаат секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 0,3 отсто, снабдување со вода; отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината 0,3 отсто, рударство и вадење камен 0,3 отсто и јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување 0,3 отсто.

Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 80,7 отсто имаат деловните субјекти со еден до девет вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број на вработени (без податок за вработени) со 10 отсто, потоа субјектите со 10 – 19 вработени со 4,2 отсто, потоа субјектите со 20-49 вработени чие учество изнесува 2,9 отсто, со 1,8 отсто учествуваат субјектите со 50-249 вработени и само 0,3 отсто од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.

Треба да знаете
Последни објави