Search

Лазаревски: ЈО има капацитет да постапува по сите предмети, иако не располага со ресурсите како СЈО

Jавното обвинителство има капацитет да постапува по сите предмети, иако не располага со ресурсите што ги има Специјалното јавно обвинителство во делот на материјално финансиската состојба и кадровска пополнетост, вели во интервју за МИА Бодан Лазаревски, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија – координатор за односите со јавноста во јавните обвинителства.

Тој додава дека предметите на СЈО од страна на јавноста се следат со посебен интерес и оти ЈО го почитува тоа.

– Токму затоа, постапувањето во такви предмети подразбира и поголема отвореност и тоа претставува дополнителен товар, но свесни за потребата ќе се соочиме и тоа за нас не е пречка. Напротив, токму обезбедувајќи транспарентност во постапувањето и по вакви предмети, јавното обвинителство ќе и покаже на јавноста дека ние сите сме обвинители и сите работиме по исти закони, дека разлики нема, вели Лазаревски.

На прашање во врска со стандардот за отвореност кон јавноста што го постави Специјалното јавно обвинителство, обвинителот Лазаревски одговара дека всушност законскиот и професионалниот стандард е некаде помеѓу премногу големата отвореност кон јавноста и целосната затвореност кон јавноста.

-Сметам дека желбата за поголема отвореност кон јавноста не смее да подразбира загрозување на правата на лицата инволвирани во постапките или нарушување на правото на приватност и на пресумпцијата на невиност. Исто така, непрофесионално е да ја „водите” кривичната постапка преку медиумите и да креирате јавно мислење кое потоа сакале или не ќе има влијание врз носење на одлуките, посочува тој.

Во интервуто за МИА што целосно ќе го објавиме утре, Лазаревски одговара и на прашања во врска со предметите за бегството на Груевски, за вакцините, за пензискиот фонд, за АКМИСОТ, за малата доверба на јавноста кон ЈО, како и за тоа дали ЈО ќе го поднесе товарот на јавниот интерес со евентуално преземање на предмети од Специјалното јавно обвинителство. дма/сд/

2019-02-07 10:47:5
Треба да знаете
Последни објави