Search

Лавров ги повика САД и ЕУ да ги спречат провокациите од косовските Албанци

Русија ги повикува САД и ЕУ да ја сфатат својата одговорност за спроведување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и да влијаат врз косовските лидери да ги запрат провокациите против Србија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по разговорите со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Москва.

„Апелираме до Вашингтон и Брисел да влијаат врз Приштина и да ја разберат својата одговорност за спроведување на резолуциите на Советот за безбедност, кои се направени заедно со САД и Европа и да ги принудат косовските Албанци да престанат со провокаторска и конфронтирачка политика“, изјави Лавров, а пренесе агенцијата „Тасс“.

Тој истакна дека Русија нема да дозволи Советот за безбедност да го промени мандатот на Обединетите нации во Косово.

„Ми се чини дека Западот се обидува да го принуди Секретаријатот на ОН да протурка некои предлози, кои ќе го поткопаат мандатот на мисијата на ОН во Косово. Ова ќе биде директно кршење на Резолуцијата 1244, а ние ќе направиме се што е во наша моќ тој провокативен план да не се реализира“, нагласи Лавров.

Лавров најави дека Русија ќе продолжи со напорите за развој и координацијата на надворешните политики со Србија.

„Ние продолжуваме со интензивен дијалог и контакти на највисоко ниво, што особено беше нагласено со посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Белград во јануари“, рече Лавров.

Треба да знаете
Последни објави