Search

Кaпацитетите на хотелот „Ибис стајл” исполнети, вратите за изолација ги отвора и „Ибис” во Центар

Kако дополнителен капацитет за сместување лица во изолација од денеска целосно се става на располагање и веќе подготвениот хотел „Ибис” во центарот на Скопје, каде се очекува да пристигнат осум лица, соопштија од „Аџибадем Систина”.

Првата група на лица за кои беше одредена изолација во времетраење од 14 дена, согласно препораките на Министерството за здравство, во текот на изминатите два дена ги исполнија капацитетите на „Ибис стајл”, првиот хотел кој „Аџибадем Систина” и „Орка Холдинг” го отстапија како центар за изолација на лица на кои им беше одредена оваа мерка.

Во хотелот „Ибис стајл” моментално се сместени 64 лица кои ќе останат таму следните 14 дена. На овие лица од страна на „Орка Холдинг” и „Аџибадем Систина” им се обезбедени сите услови, средства за лична хигиена, организирана е достава на храна и пијалаци, обезбеден им е ТВ и пристап до интернет.

Лицата кои се сместени во хотелите се под 24-часовен надзор на вработени од медицинскиот сектор, безбедносниот сектор и друг помошен персонал, со комплетна безбедносна опрема и стручна обученост, со цел да се одговори на сите нивни потреби.

Нивната здравствена состојба се следи секојдневно од медицински персонал од Институтот за јавно здравје. Во случај на појава на симптоми или влошување на состојбата, лицата, според предвидените безбедносни протоколи, ќе бидат пренесени до локациите кои Министерство за здравство ќе ги определи за згрижување и третман на симптоматските лица.

Со вакво секојдневно темпо на прифаќање лица на кои им е определена изолација од страна на Министерството за здравство, понудените капацитети од страна на „Орка Холдинг” и Клиничката болница „Аџибадем Систина”, кои на раполагање ставија 214 кревети во двата хотели целосно ќе бидат исполнети. „Орка Холдинг” и Клиничката болница „Аџибадем Систина” се во секојдневна комуникација со Владата и Министерството за здравство околу распределувањето и сместувањето на лицата на кои им е определена изолација, стои во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави